Категории

Најголемата љубов нема да ја видите на Фејсбук

Во време на социјални мрежи, тешко е да остане нешто неоткриено, нешто приватно, нешто зачувано само за себе. Понекогаш се чини како сите да се тркаат да покажат дека се посреќни од другите, позаљубени, поуспешни, понашетани, позабавни и слично.

Ова особено важи за врските. Луѓето сакаат да им покажат на другите дека ете конечно се средиле, се смириле, започнале врска и дека целиот живот им е магичен. Тоа секако стои на сите слики со насмеани лица, на сите статуси, на сите коментари со стикери со срциња. И луѓето ќе аплаудираат, ќе речат: „Браво еј, колку им е добра врската.“ Бидејќи тоа е целта, нели? Зависта во туѓите очи, љубомората за средениот живот.

Никој не знае што се случува зад тој екран и зад тој монитор. Никој не ги гледа расправиите, изневерувањата, солзите. Затоа потоа имате фрапирани лица и реакции: „Како бе раскинале, па цел Фејсбук им беше со срциња и љубов?!“ Така, раскинале затоа што немале љубов, немале разбирање, изгубиле почит. Тоа што го рекламирале на Фејсбук има многу малку со врската и со тоа како таа ќе се развива.

Завртете се околу вас и сигурно ќе забележите дека оние парови кои ги знаете како најзаљубени и најсреќни, речиси никогаш не постираат заљубени работи на Фејсбук. Ретко кога постираат песни еден кај друг на ѕид, не си ставаат стикери со срциња и имаат многу малку заеднички слики.

Постираат ретко, ама квалитетно. Секој си постира работи кои ги сака, без другиот да му коментира на секоја објава и да му го лајка секој пост. Тоа се луѓе кои немаат потреба да му докажуваат на светот ништо, затоа што се веќе си докажале самите на себе. Тоа се луѓе кои го живеат моментот и ја живеат љубовта, наместо да се расфрлаат со неа како со скапа бунда. Тие луѓе љубоморно го чуваат она што го имаат меѓу нив, затоа што знаат дека само така расте љубовта.

Тие луѓе нема да ги видите на Фејсбук, ќе ги видите по улиците, на клупите во парковите, со очи полни љубов и насмевки од уши до уши. Тие луѓе нема да се фалат на Фејсбук, тие ќе се прегрнат и ќе се сакаат. И тие луѓе нема да создаваат вештачка слика за љубовта ниту пред другите, ниту пред себе. И затоа ќе имаат вистинска, зрела врска која само ќе расте и ќе се развива. И тој сјај во очи ќе биде вистински, таа насмевка искрена, а таа љубов толку големa!

Прегледи:
693
Објавено на:
23.02.2016