Категории

Народот кој ги потценува своите учители е осуден на пропаст

Различни луѓе паметат различни личности, нешта и искуства од своите најрани денови но речиси сите ја паметат таа една личност – првиот учител или учителка.

Сето тоа ни зборува колку искуството со таа личност која прва ни помогнала да го откриеме светот го одбележува речиси целиот живот. Многу искуства доаѓаат и заминуваат, многу луѓе во нашиот живот доаѓаат и заминуваат, но секогаш во нашето најдлабоко сеќавање стои личноста со која сме почнале да растиме.

Првиот учител или учителка некогаш ни бил уште еден родител, пријател, терапевт, лекар, клов или било што друго што ни било потребно во првите денови во училиште за да го засакаме тој свој нов дом. Многу пати не сме можеле да го дочекаме мигот кога ќе тргнеме во училиште затоа што авантурата на запознавање на светот и дружењето со драгите личности било баш она кое што од дното ја исполнувало нашата мала душа која ги упивала сите оние зборови, броеви и се што сме можеле да научиме.

Имало и тешки и болни мигови, но сите тие ни биле потребни за да научиме да растиме и созреваме за еден ден да бидеме она што сакаме да станеме. Тука сме ги пронашле и првите љубови и првите порази во односите, тука сме учеле што е вистинско пријателство но и она што не е пријателство. Тука сме научиле нега оценките не се најважното нешто во животот и дека е многу поважно какви луѓе сме а не со каков просек ќе ја завршиме годината.

Низ сите тие предизвици не воделе луѓе кои со нас растеле и созревале, ги поминувале своите сопствени битки, луѓе кои живееле еднакви животи како нашите родители само што ним не сме им дозволувале грешки и слабости какви што сме гледале кај родителите.
Тоа биле учители, луѓе кои освен учење различни предмети, не учеле како да ги сонуваме нашите соништа и да живееме за нив. Што и да поминеме, секогаш ќе се сеќаваме на нив.
Народот кој ги потценува своите учители е осуден на пропаст. Немојте да си го дозволите тоа никогаш!

Прегледи:
736
Објавено на:
14.05.2020