Категории

Насилство во љубовната врска: Како да го препознаете и што да направите?

Сите ние, барем еднаш во животот сме биле жртви на нечие насилство. Тоа што мора да го сфатиме е дека за оваа тема треба гласно да се говори, без страв и срам, бидејќи насилството не е и не смее да биде приватна работа!

Ја знаеме ли разликата помеѓу дозволеното и недозволеното однесување во интимно – партнерските односи? Дали всушност знаеме што е насилство? Пред се, најважно е да знаеме дека насилството не подразбира само физичко насилство. Физичкиот напад во интимно-партнерските односи најчесто претходи на многу случки, кои повеќето од нас не ги вбројуваат во насилство.

Затоа, важно е да се знае што се опфаќа насилството, а честопати се прикажува како нешто друго:

1. Закани, принуди (закани дека ќе ги повреди вашите најблиски, дека ќе ви ги земе децата, дека ќе открие ваши интимни информации, ви се заканува со самоубиство доколку го оставите).

2. Економско злоставување (ве спречува да пронајдете или да го задржите работното место, не ви дава доволно пари, бара од вас да го оправдате секој денар кој сте го потрошиле, бара од вас да молите за пари, ви ги одзема парите).

3. Заплашување (заплашување со поглед, постапки, викање, кршење предмети, ја уништува вашата околина, ги злоставува домашните миленичиња, ви покажува оружје).

4. Психолошко и емотивно злоставување (ве игнорира, не сака да разговара со вас, ве понижува, ве исмева, ве обвинува, ве критикува, ве пцуе, ви префрла константно чувство на вина, ве нарекува со погрдни имиња, ве убедува дека сте луди).

5. Изолација (контролира што правите, со кого се гледате, со кого се допишувате и разговарате, што читате, ве следи, пребарува по вашите работи, ви поставува ултиматуми и ви наметнува избори и ја користи љубомората како изговор за своето однесување)

6. Ги користи децата (ги користи децата за пренесување пораки, ве вознемирува, навредува и понижува пред децата, ги поддржува да не ве почитуваат, алиментацијата ја употребува како начин да ја покаже својата моќ или ви се закнува дека ќе ви ги одземе децата)

7. Користење машки привилегии (тој ги донесува сите важни одлуки, секогаш ве потсетува дека сте женско и дека поради тоа би требало да го правите само тоа што ќе ви го каже, смета дека има право да одлучи за се што правите, говорите и очекува да се сложите да имате секс секогаш кога тој ќе посака).