Категории

Научниците потврдуваат: Среќните врски зависат само од овие 2 работи

Силните и долготрајни врски бараат голем труд и многу вложување во нив од двајцата партнери. Но, работите можеби и не се толку комплицирани колку што изгледаат на прв поглед. Научниците откриле дека постојат две основни карактеристики коишто ги дефинираат среќните врски. Тоа се особини кои секој од нас треба да ги прифати и да поработи на нивниот развој.

Се прашувате кои се? Тоа се љубезноста и великодушноста. Психолозите Џон Готман и Џули Готман по долгогодишните истражувања, кои опфатиле илјадници двојки, откриле дека љубезноста и великодушноста се главната материја што ги „лепи“ партнерите еден за друг. Овие особини, заедно со емоционалната стабилност се најважниот фактор за успешна врска или за долготраен брак. Добрината, којашто значи да се биде пријателски настроен, дарежлив и внимателен е особено тешко да се применува во љубовните врски, иако на прв поглед можеби и не изгледа така. Но, кога партнерите се обземени од силни емоции, многу често избувнуваат расправии и недоразбирања во врските. Во тие моменти треба да дадете сè од себе лутината и бесот да не надвладеат во вас, заради тоа што по неколку минути можеби ќе се каете за некои изречени зборови или сторени дела. Работете на себе и на тоа љубезноста да владее со вашето срце и со вашата љубовна врска.

„Љубезноста не значи дека ние нема да ја изразиме лутината и нервозата, но таа ни го покажува патот на кој начин е најдобро да го сториме тоа. Можете да му се нафрлите на вашиот партнер и непотребно да викате или на еден смирен начин да му објасните што е тоа што ве налутило и повредило“, објаснува Готман.

Потрудете се лутината и бесот да ги држите настрана, затоа што тие можат да предизвикаат непоправлива штета на вашата врска или брак. Живееме во многу брзо време, растргнати сме меѓу работата, семејството, децата, роднините, пријателите… Најчесто, во сета таа брзаница најмногу забораваме на своите партнери. Сета негативна енергија којашто сме ја насобрале во текот на денот често знаеме да ја истуриме токму врз личноста којашто најмногу ни значи. Но, тоа може да остави трајни последици на нашиот однос или да донесе крај на врската. Побарајте ја добрината и топлината во вашите срца, затоа што таа е основната нитка која ги врзува луѓето и ги прави неразделни пријатели, партнери и љубовници.

Прегледи:
362
Објавено на:
21.08.2016