Категории

Недела на планина: Истражување на околината на Матка, убава прошетка и еколошка акција

На само чекор од Скопје постои природна убавина со која ретко кој град е почестен. Скопје од сите страни е опкружно со убава природа каде може да се помине слободeн ден, природа која чека да биде откриена, да се истражува, да се ужива во неа.

Кањонот Матка е едно боженствено место, од кое никој не останува рамнодушен, а нуди можност за секакво уживање, за пиење кафе или планинарење.

Исто колку што е магично уживањето долу, во самиот кањон, туку е магичен и погледот од високите планини, каде го гледаш целиот град, каде имаш поглед кон целиот кањон и околните планински пејсажи.

Денот е недела, 9ти април, а во организација на еколошко – планинарското друштво I love hiking group Macedonia се организира прошетка по Осој Планина, поточно искачување на врвот Раса и истражување на околината околу кањононт Матка.

Не би биле вистински љубители на планините  и природата доколку не се организира и еколошка акција, па денот е планирано да помине и во шетање и во „ослободување“ на природата од неразградливиот отпад.

Рано наутро Матка е празна, мирна и тивка, ја слушаш само природата и раѓањето на новиот ден ти носи бескраен мир. Тргнуваме по обележана патека која почнува од Манастирот „Св. Богородица“, 80-тина љубители на природата.

Се движиме низ тазе разеленета природа, која е вистинско освежување за очите, пролет е – среќа е, а со секој нов земен здив се присетуваш дека ова беше настан најавен како #ИзлезиИДиши и конечно го чуствуваш воздухот во неговата чиста форма.

Живописна природа, движење низ шумичка, погледи од висина на каноњот од кој запира здивот, движење по карпи, па пристигнување до резерватот Јасен. Љубопитни погледи одвнатре, а ние со пријателски поздрав и продолжуваме кон Раса.

Се движиме по срт, облаците го шараат небото. Градот го оставаме зад нас, уживаме во планинските пејсажи пред нас, а повремените сончеви зраци само го надополнуваат неделното уживање.

Стигнуваме на Раса, врв кој има надморска височина од 1359 метри, а таму на врвот на чекаат домаќинките, илјадници бубамари. Слетуваат насекаде, се радуваат на посетителите.

Изобилство од мириси, разновидни лековити билки и цветови, необични, само тука можеш да ги видиш. Го впиваш секој момент и се прашуваш, зошто човек доаѓа тука и остава смет зад себе…оттаму и нашиот порив да направиме нешто, да не оставиме несовесноста на другите да ни ја уништи недопрената природа.

Па така, со убавиот ден кој ни го пружа, ние на природата и се заблагодаруваме со собирање на сметот кој другите го оставиле. Да ни биде убава, да ни биде чиста, до следна средба.