Фудбалерите на Реал Мадрид во неполни четири дена забележаа два порази, откако во неделата загубија од Севилја во првенството, во средата беа поразени од Селта во првиот меч од четвртфиналето на Кралскиот Куп.
Селта изненадувачки го надигра Реал во Мадрид со 2:1 и ја забележа првата победа над „кралскиот клуб“ по пауза од една деценија.
Поразот од Селта е втор во низа за Реал, откако претходно екипата одигра 40 натпревари без да биде поразена.
Сите голови на „Сантијаго Бернабеу“ беа постигнати во второто полувреме и тоа во интервал од само шест минути.
Гостите први постигнаа гол во 64.минута преку Јаго Аспас, израмни Марсело три минути подоцна, но веќе во следниот напад Аспас му асистираше на Џони кој го постави конечниот резултат.
Реал овој меч го одигра со речиси најсилниот состав, од стандарите првотимци Зидан на клупата ги остави само голманот Наваз, Карвахал и Бензема.
Реванш натпреварот во Виго ќе се одигра на 24.јануари.
Извор: Макфакс