Категории

Нова платформа за недвосмислена и директна подршка на младите уметници

Интервју со Вон.проф. м-р  Загорка Поп-Антоска Андовска, драматург и драмски автор, која порачува дека „МЛАДИТЕ УМЕТНИЦИ МОРА ДА ЈА ДОБИЈАТ СВОЈАТА ШАНСА!“

„ОВАА ПЛАТФОРМА ЌЕ ГИ ОБЕДИНИ ВО СОРАБОТКА НА ЗАЕДНИЧКИ ПРОЕКТИ МЛАДИТЕ УМЕТНИЦИ, РЕНОМИРАНИТЕ УМЕТНИЦИ, ПРОФЕСОРИ, ТЕОРЕТИЧАРИ,  ЈАВНИТЕ И ПРИВАТНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ОД ОБЛАСТА НА КУЛТУРАТА, МЕДИУМИТЕ, ФАКУЛТЕТИТЕ, НАЦИОНАЛНИТЕ УСТАНОВИ СО КРАЈНА ЦЕЛ – ПОКВАЛИТЕТНА КУЛТУРНА СЦЕНА И УМЕТНИЧКА ПРОДУКЦИЈА“

Деновиве ја промовирате Платформата „DASTA NETworking“, објавивте и повик преку медиумите за врежување на млади уметници, како и повик за достава на предлози за авторски проекти. Што точно претставува „DASTA NETworking“ платформата и како функционира?

Оваа платформа претставува недвосмислена и директна подршка на младите уметници. Сите оние кои имаа желба да бидат активни на македонската културна сцена. Од сите полиња на уметностите. Филмаџии, театарџии, ликовни уметници, музичари, мултумедијални уметници…итн. Јас и Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ сме само иницијатори. Во проектот ќе учествуваат и други физички и правни лица, преку вмрежување, кои ќе дадат безпарична помош во реализацијата на уметничките проекти.

Живееме во време кога нема доволно средства за сите уметници. Многу, особено, од младите остануваат без финансирани проекти, пред се затоа што сеуште немаат репрезентативни биографии и искуство. Идејата е платформата да функционира „безпарично“ (иако не ја исклучуваме можноста некои од проектите да добијат буџет), со тоа што сите соработници би работеле бесплатно, во име на стекнување искуство, полнење на професионалната биографија со проекти, и реализација на уметничкиот порив. Сметаме дека со вмрежување на културни институции, факултети, институти, медиуми, приватни компании ќе се овозможи уште поквалитетни продукти и подршка, повторно по принципот на безпарична помош. Значи, пари не им бараме.

Значи краен бенефит од оваа платформа ќе има унапредувањето на македонската уметност?

Да. Ако сакаме да зборуваме за унапредување на македонската културна сцена, развој на уметничкото творештво мора да пристапиме кон стандардни, но и нестрандарди методи на искажување на подршка на новите идеи, новите автори преку неформално-вонинституционално образование (пренесување на искуство од човек на човек), без парична помош во обезбедување на просторно технички услови, медиумска подршка, поврзување на млади уметници, истомисленици, во својство на соработници на уметничкото дело. Едноставно мора да бидеме прилагодливи и динамични во изнаоѓањето нови методи според условите кои ги диктира времето што го живееме.

Имате 10 години професорско искуство на Универзитетот ЕСРА, веќе 4 години ја водите ДАСТА Академија, која дејствува во доменот на неформалното образование.  Дали тоа искуство во образование ве инспирира да ја иницирата Платформата „DASTA NETworking“?

Да. Ме инспирира. Секојдневно сум опкрижена од моите студенти. Тие ми се најдобри другари. Толку многу време минуваме заедно што сме ја прескокнале формалната линија професор – студент, и работиме, сонуваме и гориме заедно. Голем дел од нив се веќе приклучени на платформата, имаат донесено проекти. Многу се радувам што можам да им помогнам во релизацијата и во „билдањето“ на нивните портфолија!

Знам едно. Многу е важно да се подржат младите уметници додека се полетни. Да не се дозволи да ги изеде депресијата од помислата дека никој не ги вика да работат. Да не се дозволи да им се скршат крилјата. Секојдневно сум сведок на желбата и копнежот на младите уметници да создаваат. Да направат нешто ново во уметноста, нешто во што веруваат. Не беше одамна, ја памтам и мојата желба и копнеж, ама ја памтам и потребата некој во тоа да ми укаже подршка. Ја паметам и подршката. Уште ми значи. Уште ме грее. Прекрасно е едноставно некому да му е „гајле“ за тебе, да му значи твојот проект, да му значи, тоа што ти значи тебе. Им благодарам на моите професори, како „стареам“ се повеќе, секој ден сфаќам колку ми пружиле мене и на моите колеги. Тоа сакам да им биде пружено со оваа платформа на сите студенти и млади уметници!

Дали верувате дека платформата ќе профункционира?

Само ригидни, завидливи и саможиви не би ја подржале платформава, и не би и се израдувале на платформава. Значи, да. Сигурна сум дека ќе профункционира. Имаме огромен одзив од млади уметници. Ја разбираат и им се допаѓа. Ги разбирам дека уметноста и творечкиот процес им е повозбудлив и поважен од хонорарчето што би можеле да го добијат ако има буџет. Сакаат нешто да прават. Сакаат да создаваат, да творат, да соработуваат. Веќе имаме одличен одзив и од инститруции од областа на културтата и уметноста, од уметничките факултети. Првиќните впечатоци се дека ќе функционира. Ама сега ќе ни требаат многу саати макотрпна работа за да се формализираат тие соработки,  т.е. да се вмрежат сите тие субјекти.

Значи ќе ви треба „појачување“?

Појачување, односно соработници на платформата се секогаш добредојдени иако и ние, како Центар ги ставаме во моментов сите свои капацитети на овој прилично гломазен проект. Помош е добредојдена, секако.

Што би кажале за крај?

Влогот е мал, а бенефитот голем. Приклучете се сите и помогнете им на младите уметници да го сменат светот.