Документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland) од 26 јули ќе се прикажува во кината во САД. Македонскиот документарец, победник на „Санденс“ ќе има кинодистрибуција во селектирани киносали, вклучувајќи ги „Ламли Ројал“ (Laemmle Royal) во Лос Анџелес и „Куад синема“ (Quad Cinema), Њујорк.
Во онлајн изданието на критиката на Ентони Лејн стои дека „’Медена земја’ потсетува на тешката, исконска вистина за родителите, децата, алчноста, почитта и за потребата од внимателно искористување на ресурсите“. Критичарот препорачува филмот да се гледа во друштво на нервозни млади двојки или идни родители и притоа да се следат нивните реакции откако ќе видат во какви услови живеат децата од документарецот. Текстот ќе биде објавен и во печатеното издание на „Њујоркер“ на 29 јули, пренесуваат од СДК.МК.
Кон крајот на август ќе биде прикажан пред домашната публика, на најголемиот фестивал за документарни филмови кај нас, „Македокс“, по што ќе се најде на редовниот репертоар во македонските кина.
Документарецот „Медена земја“, кој по триумфот на филмскиот фестивал „Санденс“, беше прикажан и награден на повеќе од 20 филмски фестивали, го очекуваат кино дистрибуции во САД, Канада, Англија, Германија, Австрија, Полска, Белгија, скандонавските земји, Шпанија, Турција, Кина, Јужна Кореа, па сѐ до Австралија.
Долгата листа на признанија деновиве беше збогатена со специјалната награда од жирито на фестивалот за документарни филмови во Исланд, „Ајсдокс“ (Icedocs FF).