Категории

Од вторник во оптег новите пари- ќе имаат подолг век на траење, а еве како ќе изгледаат (ФОТО)

Од вторник ќе бидат воведени полимерни банкноти со апоенска вредност од 10 до 50 денари, кои ќе имаат подолг век на траење за разлика од досегашните хартиени.

-Од 15 мај годинава, Република Македонија ќе биде на мапата на државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на банкнотите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии банкноти со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал, соопштуваат од Народната банка на Република Македонија.

Според банката оценува дека ваквите банкноти не се оштетуваат лесно, што не е случај со хартијата и имаат многу подолг век од хартиените.

Анализите покажуваат дека животниот век на банкнотите изработени од полимер е подолг за 2,5 до три пати, а во некои случаи и за четири пати од оној на банкнотите изработени од хартијата во чијашто основа се памучни влакна.

-Полимерните банкноти не може лесно да се скинат при секојдневна употреба, ниту, пак, може лесно да се оштетат при допир со вода, а се и неколкукратно поотпорни на влага во споредба со хартиените. Мошне важно, супстратот од којшто се изработуваат полимерните банкноти спречува апсорпција на нечистотија, со што овие банкноти не само што имаат подолг животен век од хартиените, туку се и похигиенски за употреба од страна на граѓаните, посочуваат од НБРМ.

Додават дека покрај долгиот животен век на овие банкноти нивната употреба значи и заштеда на ресурси и средства бидејќи потребата од нови изданија со иста апоенска вредност во иднина ќе биде многу помала.

Народната банка наведува дека изработувањето банкноти од многу тенка, флексибилна пластична фолија овозможува нивниот дизајн да содржи безбедносни карактеристики и заштитни знаци кои не може масовно да се репродуцираат со употреба на воспоставените техники за фалсификување банкноти.

-Полимерните банкноти како заштитен знак можат да содржат и транспарентен прозорец, што не е возможно кај банкнотите од хартија изработена од памучни влакна.

Производството на банкноти од полимер, сметаат од НБРМ, не само што се редуцираат трошоците на централната банка, туку се придонесува и за заштита на животната средина.

-Истражувањата потврдуваат дека банкнотите изработени од полимер се поеколошки од оние коишто се изработени од хартија. Меѓу другото, на крајот на животниот циклус на парата, доколку е изработена од хартија, таа се поништува, се реже и остатоците се носат на депонија, односно се горат, додека доколку е изработена од полимер, по режењето, таа се рециклира заради нејзино натамошно користење за добивање материјал од којшто се изработуваат пластични предмети за секојдневна употреба. Анализите покажуваат и дека полимерните, за разлика од хартиените банкноти, се енергетски поефикасни во процесот на изработка. Исто така, фактот што банкнотите изработени од полимер имаат помала тежина од хартиените придонесува нивниот транспорт и нивната дистрибуција да се посоодветни за зачувување на животната средина, наведуваат од НБРМ.

Појаснуваат дека полимерот овозможува на банкнотите да има втиснати ознаки во вид на издигнати точки, коишто се корисни за распознавање на различните апоени од страна на лицата со оштетен вид.

Полимерните банкноти почнуваат со употреба во 1988 година и тоа во Австралија, денес се употребуваат во над 20 држави, меѓу кои, покрај Австралија се и Канада, Велика Британија, Нов Зеланд, Малдиви, Брунеи, Романија итн.

Од 15 мај годинава, Република Македонија ќе биде на мапата на државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на банкнотите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии банкноти со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал.

Прегледи:
472
Објавено на:
13.05.2018