Категории

ОДРЖАНА ПРЕКРАСНА ПРОМОЦИЈА НА ДВА НОВИ РОМАНИ НА АВТОРКАТА КРАЛИЧИН

Во просториите на Café Литература во Дајмонд мол на 15 февруари 2024 година со почеток од 19 часот се одржа промоција на двата нови романи „Денот пред да се стемни“ и „Последна шанса за втора клапа: сценариото на немиот сведок“ од авторката Кристина Краличин пред стотина гости кои присуствуваа на овој настан.

Во една пријатна и релаксирана атмосфера промоторите проф. д-р Ермис Лафазановски и Билјана Црвенковска која е уредник на издавачката куќа „Чудна шума“, имаа свое излагање при што се говореше за структурата и содржината на самите романи, но и за едицијата од која тие се дел и којашто ќе следи во следниот неколкугодишен период. Делови од романите читаше актерката Дарја Ризова. Од страна на авторката Краличин пред присутните беше објаснето дека се работи за едиција од 14 романи кои меѓусебно се поврзани на еден специфичен и невообичаен начин.

Нишката што ги поврзува тие романи лежи во самата содржина на романите, иако темите што се разработуваат се различни, како што се различни ликовите во романите, времето на настаните во кои се одвиваат дејствијата, како и локациите. Токму таа врзаност ја претставува целината на едицијата и е прва таква појава во книжевноста како во нашата држава така и во светски рамки.

Промоторот проф. д-р Ермис Лафазановски истакна дека се работи за специфичен стил на изразување со стилски и јазично богати описи кои ја изразуваат автентичноста на делата и читајќи ги се присетил на случка што му се случила во минатото поврзана со темата на романот „Последна шанса за втора клапа: сценариото на немиот сведок“ со што ја заинтересира присутната публика за аспектот на кој тој пристапил кон ова дело. На крајот од неговото излагање заклучи дека Кристина Краличин е нов книжевен глас и верува дека таа е идната ѕвезда што силно ќе сјае на писателското небо.

Уредничката Билјана Црвенковска се надоврза на професорот Лафазановски и ѝ постави неколку прашања на авторката Краличин поврзани со нејзиниот автентичен стил на пишување, како настанува миксот на изврзани филозофски и мотивациски сегменти во делата, за планираната едиција од 14 романи, како и за делата кои понатаму ќе следат од неа.

Авторката Краличин истакна дека се работи за еден серијал што постепено ќе се разоткрива пред очите на читателите како крупен проект во кој нејзините ангажмани во пишувањето ќе бидат на врвно и завидно ниво.

Посакува да има многу повеќе време и слободен простор за пишување. Тоа е таа битка што редовно ја води додека пишува. По завршувањето на промоцијата авторката започна со потпишување на романите и средба со присутните гости.

Прегледи:
177
Објавено на:
20.02.2024