Категории

Околу 1000 учеснички трчаа на женската трка пред големиот Скопски маратон

Околу 1000 натпреварувачки денес учествуваа на големата женска трка која се одржа во Скопје и истрчаа два километри околу езерцето во Градскиот парк.

На најдобрите во неколку возрасни категории им беа доделени медали и дипломи, а беше организирана и лотарија за сите учеснички. Трката е дел од промотивните активности за најмасовниот спортски настан во земјава, Скопскиот маратон кој ќе се одржи на 8 мај.

Големата манифестација од годинава има и нови поддржувачи, компаниите „Пелистерка“ и „Здравје Радово“, клиничката болница „Аџибадем Систина“ и „Стопанска банка АД Битола“.

Досега за Скопскиот маратон се пријавени повеќе од 4.500 натпреварувачи од 38 земји, а аплицирањето за учество е отворено до 29 април со што се очекува бројот на учесници уште повеќе да се зголеми.

Женската трка која се одржа денес е дел од промотивните активности на скопскиот маратон чија цел е да се популаризира трчањето како спортска активност. Останува да се одржи уште и детската трка која е насочена кон тоа да им го приближи трчањето и на најмладите.

На Скопскиот маратон главно обележје се: стандардните трки – маратон (42.195км), полумаратонот (21.097км) и трката на 5 километри, а организаторите најавуваат и штафетен маратон, со што остануваат 4 трки на програмата како и што беше планирано и за минатиот маратон.

zhenska-trka-skopski-maraton-nn-02

Повеќе детали за самиот маратон, пријавување и дисциплини сите заинтересирани може да најдат на веб страната www.skopskimaraton.com.mk.

Прегледи:
447
Објавено на:
10.04.2016