Категории

Острови создадени за неверојатно летно уживање

Летото е се поблиску, па многумина веќе се во потрага по совршена дестинација за летниот одмор. Овие острови секоја година се на врвот на најпосетените дестинации, а туристите секогаш си одат со многу убави спомени.

  • Сицилија

Сицилија ја нарекуваат срце на Медитеранот, првенствено затоа што е најголем остров во Европа, но и заради големо културно и историско наследство со кое може да се пофали овој италијански остров.
Сицилија низ историјата била освојувана од многу народи, а сите тие на неа оставале траг. Тоа разновидно наследство може да се забележи во архитектурата, храната. обичаите, а може да се почуствува и во самиот воздух и атмосферата во Сицилија.
Освен тоа, Сицилија има пространи и чисти плажи кои се простираат низ целиот брег, а нивното истражување претставува големо уживање за туристите.

 

  • Ибица

Шпански остров кој веќе со години е познат по дневните и ноќните забави. Освен забавите, на Ибица има фантастични плажи и многу угостителски објекти, како што се баровите на плажа, клубовите и рестораните.
Хипи културата имала големо влијание врз развојот на овој остров, па и денес на него сите уживаат со позитивни мисли и главно електронска музика. Ибица е дестинација во која уживаат сите млади, но и таа, како и љубовта- не знае за години.

  • Закинтос

Грчки остров кој со својата убавина и прекрасни пејзажи секое лето привлекува се повеќе внимание на туристите од целиот свет. Закинтос во очите на младите изгледа како вистински летен рај. Има многу можности за убава забава и преубави песочни плажи. Иако последните години е познат како омилена летна дестинација за млади, Закинтос го посетуваат и многу искусни туристи.
Фотографиите на туристите за време на нивното летување во Закинтос се најдобрата реклама за него, затоа што Закинтос е толку многу фотогеничен, што ретко кој може да му одолее.

  • Кос

Уште еден остров во Грција, сосема поразличен од Закинтос. Кос е совршен за мирен, фамилијарен одмор, а обиколката на овој остров нуди многу можности за откривање на многубројните културно-историски обележја на Грција.
На Кос има една височина која нуди фантастичен панорамски поглед за кој многумина тврдат дека ја има најубавата слика на заоѓањето на сонцето. Ако сте во потрага по убав, а мирен одмор- Кос е совршен за вас.