Категории

Отец Филип: „Господи, прости ни на нас ситите што не им веруваме на гладните“

Отец Филип сподели на неговиот фејсбук профил едно искуство кое нема да ве остави рамнодушни. Оваа случка ќе не натера да размислиме како можеме и ние да помогнеме некому и колку тоа може да промени нечиј ден, или можеби и живот.

„Добивам контакт од семејство за помош тука во Велес, спремам пакетот храна од црква и одам. Ѕвонам на телефон на жената, па некако успеваме да се најдеме по велешкиве сокаци, кола не оди до кај нив, па може да замислите. Гледам стара и трошна куќа, што не е ни нивна, под кирија живеат таму.
Само што го оставам пакетот пред портата, ја подавам раката за да се поздравам со жената, таа ми ја зема раката, почнува да ја бакнува и да плаче… Мене ми падна незгодно и тешко, па „се извлекувам“ некако и ѝ велам: „Не е ништо ова, нема потреба, фала му на Господа, ама стварно не е ништо…“
Ми вика она: „Не оче, не Филипче, не знаеш ти што е ова. Ние живееме тука, ене го горе сопругот лежи болен и скоро неподвижен, а детето во другата соба во ладното учи, на факултет е сега и многу учи за испитиве, скоро 10ка има просек, сега ми вика „Мамо ми се јаде, има ли нешто за јадење?“, а јас се симнав доле да плачам оти немам ништо да ѝ дадам, скроз ништо немаме… и тогаш ти ми се јавуваш, и ни го носиш пакетов. Господ те прати, ова е чудо…“ продолжува она со солзи. Се прегрнавме, се поздравивме, си заминав и јас со солзи.
Еве, еве зошто многупати велам дека ова не е просто „хуманитарна работа“, па и се ежам кога некои мои браќа и колеги ќе земат да попуваат дека Црквата не била хуманитарна организација, не требало вака, не требало така, ние сме биле тука за „духовните“ потреби… Не, ова не е хуманитарна работа, ова е Божја работа, зашто немам простор да ги опишам сите вакви чудесни моменти и случки кога тој пакет храна бил одговор на солзите и молитвите на луѓето, и тој пакет вродил благодарност која се издигнала кон Бога како благопријатен мирис, поскапоцен од сите наши ради-реда изрецитирани молитви… Подуховно нешто од благодарноста само на оној свет, па кој разбере, разбере…
Господи, прости ни на нас ситите што не им веруваме на гладните, а честопати и не ти дозволуваме да ни го омекнеш срцето, та да го видиме Христос во нашиот ближен во потреба. Господи помилуј.“
Прегледи:
661
Објавено на:
28.09.2021