Категории

Откриена најсеверната точка на планетата Земја

Научниците минатиот месец открија мал остров крај брегот на Гренланд, за кој велат дека е најсеверната копнена точка во светот, а тој е откриен по поместувањето на ледените брегови.

Откритието доаѓа додека арктичките нации, САД, Русија, Канада, Данска и Норвешка, се борат за контрола на Северниот пол на околу 700 километри на север, како и околното морско дно, права за риболов и морски патишта што се формираат со топење на глечерите поради климатските промени.
„Не ни беше намерата да откриеме нов остров“, изјави за Ројтерс Мортен Раш, поларен истражувач и водич во истражувачкиот објект на Арктичката постава во Гренланд. „Отидовме таму за примероци.

Научниците прво мислеа дека пристигнале во Оодаак, остров откриен во 1978 година од дански истражувачки тим. Дури подоцна, додека ја проверувале точната локација, сфатиле дека зачекориле на друг остров, кој се наоѓа на 780 метри северозападно.
„Ние сме малку како истражувачи од минатото, кои мислеа дека пристигнале на одредено место, но всушност нашле сосема друго место“, рече швајцарската претприемачка Кристин Лејстер, која ја финансираше експедицијата.
Малиот остров, со пречник од околу 30 метри, чиј највисок врв е околу три метри, се состои од кал од морското дно, како и морен, група материјали депонирани директно од глечерите кои постојано се движат.

Членовите на истражувачкиот тим рекоа дека ќе го предложат името „Qeqertaq Avannarleq“ за новооткриениот остров, што на „Гренландски“ значи „најсеверниот остров“. Во истата област, најсеверниот остров во светот го бараа неколку американски експедиции во последните неколку децении. Во 2007 година, истражувачот на Арктикот, Денис Шмит, откри сличен остров во близина. Иако беа изложени на движења на глечерите, научниците рекоа дека сегашниот изглед на островот не е директна последица на глобалното затоплување, што го намали ледениот слој на Гренланд.

Рене Форсберг, професор и водач по геодинамика на Данскиот национален вселенски институт, кој беше дел од експедицијата што ја откри „Оодаак“ во 1978 година, рече дека ова копно ги исполнува сите критериуми за да се нарече остров. Тој потврди дека во моментов тоа е најсеверната копнена точка во светот. Откритието за првпат го објави во петокот данскиот весник „Викендавизен“.

Прегледи:
554
Објавено на:
31.08.2021