Поетесата Ана Голејшка Џикова, преку писмо до нејзината ќерка ни зборува за мајчинството.
Не постои личност која може да остане рамнодушна на зборовите на Ана, а нејзиниот последен фејзбук статус допира длабоко во нескротливата грижа и љубов на секоја мајка.
Писмо до Надјенка
Ми порасна девојчето. Веќе разговараме. Точно знае што сака и кажува. Некогаш манипулира, кенка и се глупира. Истражува. Ми бара музика, супица, тост. „Дај ми домат и валена ченка“
Ќерко моја, ме истоштуваш и преродуваш. Иако сум свесна во колку лош и тежок свет за живеење те родив, со татко ти мислам дека создадовме прекрасен и едноставен живот за растење.
Ми е жал кога ќе те скарам, но со причина, да те подучам или научам. Ми е жал кога имаш топло челце и со кристални очиња ми викаш – не се паши мама. Не се паши.
Ти си бестрашна, Надјенка. Кога се сепнувам дека ги повторуваш моите движења, зборови, интонација, тогаш се освестувам дека сум твоја патека, дека си моја одговорност кон иднината да те насочам. Да бидеш човек. Да не се плашиш и да учиш од луѓето и за луѓето. Дека многу ќе ме боли кога ќе бидеш повредена. Дека некогаш ќе се запрашам – зошто мораше да бидам олку строга со тебе?
Ми се зборува со тебе за музика, храна, нови места, за семејните корени. Ќе ме избавиш од најпасивните стравови за себе. Ти си мојот срцев такт, од моето и на татко ти месо и днк. Од нашата плунка. Ми недостигаш како бебе, си ги гледам минијатурните внучиња и си викам – кога поминаа две години?
Како од мало глувче што пркна, стана голема девојка што пее гласно и сама брцка со вилушка во салатата?
Ќе немам многу одговори за тебе, ќерко моја. Ама ќе имам многу љубов и грижа која ми го распарува срцето. На секое кивање, на секоја мала температура, на секое ново парче свет што го откриваш. Не можам да те заштитам никако поинаку, освен со љубов.
Ќе пораснеш. И ќе бидеш своја. А јас ќе се радувам.