Во чест на интернационалниот Ден на планината ПСК Х2О во соработка со Младинска Комисија при ФПСМ, на 5. декември организира еднодневен регионален еко планинарски камп за млади планинари од 0-10 и нивните родители/старатели и млади планинари од 10-15 години.
Локација: Планинарски дом Даре Џамбаз 1060 м, Водно.
Програма: Во програмата ќе бидат вклучени различни теми од важност за воспитниот процес и едукацијата на млади единки на заедницата за кои е повеќе од потребно да развијат искрена почит и грижа кон луѓето, флората, фауната, околината и природата: Бон тон во планина, однесување во планинарски дом, справување со лути мравки убијци на Визиготи, игри и планинарење до врв Водно. Сите теми ќе бидат обработени преку разговор со младите планинари. Во разговорите ќе ни се приклучат планинарски водичи, искусни планинари и други претставници на аутдор заедницата во Македонија.
За поттикнување на креативната страна пријавените учесници ги охрабруваме да дадат свој личен печат на овогодинешното чествување на денот на планината со ликовно, прозно или поетско дело на тема “Планините се важни”. Затоа што навистина се. Сите дела ќе бидат изложени во просториите на планинарскиот дом Даре Џамбаз во текот на викендот и за интернационалниот Ден на планината 11 декември.
Датумот за избор на кампот (05.12.2021) намерно соодветствува со настанот Водно-Матка на ФПСМ по повод Денот на планината, за најмладите рекреативци да се уверат дека планините се полни со луѓе од различни возрасти, облици и форми исто како што се полни затворените трговски центри, ресторани, кафулиња и игротеки. Да видат со свои очи дека постои начин на живот надвор и повисоко од градовите.
Поаѓање од: До врв Водно-Крстовар 1067м ќе се искачуваме и симнуваме по две патеки од две различни стартни точки.
За подетални информации посетете ја Фејсбук страната на Планинарски еко камп Водно.