Категории

Почина маестро Саша Николовски-Ѓумар

Еден од најпознатите и најголеми македонски дириенти, маестро Саша Николовски-Ѓумар, ненадејно почина во саботата попладнето на 50-годишна возраст.
Роден во Битола, во 1966 година, по завршувањето на средното образование се запишува на Електро-техничкиот факултет во Скопје, но го напушта за да се занимава со музика.

Се запишува на Факултетот за музичка уметност на отсекот за музичка теорија и педагогија и дипломира како најдобар студент на генерацијата. За време на овие студии, се запишува и на отсекот за композицијаи диригирање, од кој дипломира со највисоки почести, диригирајќи ја Вердиевата опера „Травијата“ во Македонската опера и балет.

За време на студиите работи како диригент со Хорот и Оркестарот на Факултетот за музичка уметност, Симфонискиот оркестар на Радиотелевизија Сараево и академскиот хор „Мирче Ацев“. По дипломирањето волонтира во Македонската филхармонија и асистира на диригентите Ванчо Чавдарски и Александар Лековски во Македонската опера и балет.

Од 1993 годинаСаша Николовски е музички директор на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија и е шеф–диригент на Младинскиот камерен оркестар, диригирајќи бројни изведби на „Охридско лето“ и „Скопско лето“.

Во 1995 година настапува со Младинскиот камерен оркестар во Будимпешта на прославата по повод 50-годишнината на Светската федерација на Музичка младина. Истата година го формира оркестарот за современа музика „Синтезис“.

Николовски продолжува да се надоградува на конзерваториумот„Николај Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург во класите на истакнатите професори Илја Мусин и Михаил Кукушкин, добивајќи можност да соработува со диригенти како Јури Темирканов и Валериј Гергиев.

По неговите студии во Русија, во 1996 година започнува редовна соработка со Хорот и Оркестарот на Факултетот за музича уметност во Скопје, Младинскиот камерен оркестар на Музичка младина на Македонија, Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, Македонскиот камерен оркестар и ансамблот „АЛЕА“, настапувајќи на Охридско лето, Хераклејски вечери, Мајски оперски вечери, Прилепско лето и Штипско лето.

Во 1999-та магистрира со највисоки оцени на академијата „Панчо Владигеров“ во Софија, каде што учи оркестарско диригирање со Васил Казанџиев и оперско диригирање со Боби Хинчев. За неговата работа со ансамблот за современа музика „Света Софија“, во 2001 година е добитник на наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на фестивалот „Денови на македонската музика“.

Саша Николовски настапуваше во Унгарија, Романија, Бугарија, Австрија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора. Од 1998 година на Факултетот за музичка уметност предаваше хорско и оркестарско диригирање, Оперско студио и група предмети од областа на диригирањето.

Извор: Макфакс

Прегледи:
342
Објавено на:
14.01.2017