Категории

Подај ми рака..

Не знам дали помнам или ми раскажувале, но кога сум била мала, мајка ми ми велела дај ми рака за да ја преминеме улицата, а јас сум велела: не, не ти ја давам, ти ја позајмувам. Зошто самото тоа дај ми рака ми звучело како давање. Да си ја извадам и да ја дадам. Ама зарем мала работа е да дадеш некому рака?

Да му дадеш некому рака е многу повеќе од правење услуга. Тоа не е да посветиш неколку вишок минути или да позајмиш маица што не ја носиш. Туку да дадеш твој дел, да се дадеш себеси. Да дадеш рака е да се зграпчиш и да го зграпчиш другиот. Кога светот е бездна и сѐ околу нас паѓа, твоите раце не зграпчуваат нешто, зграпчуваат некого. Некој што не те пушта да паднеш. И додека сите на некој начин се предаваме и пропаѓаме во таа бездна, не е ли смислата да имаме некој што ќе не извлече од неа и ќе изгради империја заедно со нас? Не е ли смислата на животот да ја пронајдеме силата што ни недостасува во некого?

Кога ќе ја дадеш раката, нема начин да ја пуштиш. Веќе не е твоја, споена со раката на другиот. Двете раце се една. Рака што не поврзува, не сумира. Затоа подај ми рака, бидејќи ја пронајдов силата. Подај ми рака, бидејќи ја најдов смислата на животот. И се додека повеќето луѓе се збунети и се двоумат за патот што ги чека во животот, јас сум сигурна дека ја најдов силата, смислата, поентата. Бидејќи мојата рака веќе не е моја, твоја е или наша. Никогаш веќе нема да ти ја пуштам раката. Што и да се случи…

М.Секулова