Категории

Поучна приказна: Луѓето сакаат да живеат како паразити

Некогаш не така одамна си живеела една среќна мравка која секој ден доаѓала прва на работа. Била вредна и весела. Работата ја правела најсреќна. Си пеела весели песнички, а резултатите од нејзината работа биле одлични.

Слушајќи ја песната на мравката, стршленот, инаку директор на фирмата, заклучил дека мравката премногу се забавува и не работи доволно затоа што нема добар шеф кој би ја насочувал во вистинскиот правец. Затоа ја вработил бубамарата. Таа имала големо искуство со менаџирање. Првата задача на бубамарата била прецизно да го следи времето во кое мравката доаѓа и си оди од работа и да води евиденција за тоа. За таа цел, таа воспоставила систем на документација за доаѓањето и одењето од работа. Со текот на времето бројот на документи се зголемувал и поради тоа морале да вработат некого да води грижа за документите. Затоа го вработиле пајакот, кој бил одговорен за архивирање на документите и примање на телефонските повици. За тоа време мравката си работела вредно исто како и претходно.

Извештаите кои ги изготвувала бубамарата биле извонредни. Директорот стршлен бил воодушевен и наскоро почнал да бара и споредбени анализи со графикони, анализи на трендовите и на развојот итн. За да се исполнат барањата на директорот било неопходно да се вработи хрчакот, кој бил десна рака на директорот. Нему веднаш му купиле нов компјутер со печатач.

Среќната и вредна мравка и понатаму работела како и претходно. Единствено што се пожалила е дека би ѝ било полесно кога би имала компјутер. Не ѝ дале. Ова било првпат мравката да се пожали и да побара нешто и директорот сфатил дека мора брзо и мудро да се реагира. Креирал ново работно место за надзор на работата на мравката и за таа цел го вработил скакулецот. Штом дошол на работа тој го сменил целиот мебел во неговата канцеларија и добил нов современ компјутер.

Со тоа се зголемил бројот на компјутери и морало да се купи и инсталира мрежен сервер. Новиот шеф сфатил дека треба да се вработи негов помошник, кој инаку му бил помошник и во претходната фирма каде што работел и затоа ја вработил лебарката. За тоа време мравката била сè понесреќна и помалку продуктивна. Пак побарала компјутер и пак не го добила.

Новата ситуација со мравката го збунила скакулецот и затоа тој побарал да се изработи студија за задоволството на вработените во фирмата. Тоа му го кажал и на стршленот кој имал разбирање за неговото барање и одобрил да се ангажира агенција за таа потреба. Откако скапата студија била изработена, скакулецот почнал да ги применува предложните мотивациони методи. Затоа насекаде залепил мотивациони плакати. Потоа ги одвел пајакот, бубамарата, хрчакот и лебарката на мотивациони тренинзи во скапи летувалишта, а за тоа време мравката вредно, но безволно работела. Ги читала мотивационите пораки на плакатите, но не можела да ги најде надредените кои ѝ требале. Едноставно, не биле тука или немале време за неа. Таквата ситуација продолжила и понатаму.

1 2

Прегледи:
676
Објавено на:
11.03.2016