Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија (АППРСМ) започна со реализација на обуки за поттикнување на вештините за социјално и зелено претприемништвото кај младите преку обуки за наставниците од средното образование.
“Овогодинешната програма за поддршка на претприемништвото во Република Северна Македонија предвидува неколку атрактивни содржини меѓу кои во тек е спроведување на образовни обуки за наставници на актуелните теми како што се социјалното и зеленото претприемништво. Сметаме дека наставниците кои предаваат претприемништво и бизнис се наша продолжена рака за поттикнување на претприемaчкиот дух кај младите генерации особено преку основање на социјални претпријатија и зелени бизниси. Ова е единствен пат кон похумано и одговорно општество преку деловните потфати на младите.“ – изјави Шенаси Џеладини, директор на АППРСМ.
Обуките кои ќе се одржат во Скопје, Велес, Кочани и Битола се пред сѐ наменети за усовршување на методата за предавање преку примери и предвидуваат студиски посети или гостински предавања на основачи на социјални претпријатија. Програмата ја реализираат претприемачи и истакнати професори и истражувачи во полето на претприемништвото раководени од проф. др. Марјан Бојаџиев и претприемачот и истражувач Македонка Димитрова од УАКС Институтот за претприемништво и лидерски развој.
“Обуките се обид да се прикажат успешни примери за социјални и зелени бизниси, и да се покаже на младите дека и во, и од Македонија може да раководат со успешни социјални и зелени бизниси. Тоа е нешто што недостасува во учебниците, локалните примери и учење преку примери се иднината на образованието на полето на претприемништвото. На УАКС Институтот за претприемништво и лидерски развој оваа наставна метода по примерот на Универзитетот Харвард ја применуваме повеќе од 15 години, и сметаме дека има голем успех кај новите генерации.“ – уверува Македонка Димитрова.
Универзитет Американ Колеџ Скопје, Амфитеатар 1, во 10 часот, 7ми јули 2021