Категории

Природата прикажана во уметничките дела на младиот апстрактен- експресионистички сликар Дејан Мачуков! (ГАЛЕРИЈА)

Дејан Мачуков е роден 23.07.1994 во Скопје, Моментално живее и работи како професор по ликовна уметност во средно училиште во Богданци, Македонија. 2017 година дипломира на факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсек сликарство со графички дизајн во класата на ред.проф. Благоја Маневски. Има учестувано на многубројни групни студенски изложби и остварено неколку самостојни изложби во Македонија.

Тој е апстрактен- експресионистички сликар кој моментално работи на неговата серија насловена „Топлина“. Oваа тема има за цел да се презентира едно истражување на нашите сетила односно наше гледање на нештата кои се присутни во природата без разлика на тоа како изгледаат во реалноста. „Целото наше знаење започнува со сетилата, потоа продолжува до разбирање и завршува со разум. Не постои ништо поголемо од разумот“, вели Дејан.

„Не вреди да се бараат материјалните богатства во животот додека не се откријат тие од природата. Природата како инспирација и како енергија која е извор на нешто потсвесно, на нешто длабоко најдено… Онаа топлина која не е како во буквална смисла на зборот, туку како нешто свето, духовно односно како посебен дар од природата. Во еден момент преку бојата го откривам нејзиниот јазик (нежното шепотење на бистрите реки и различните испреплетени песни на птиците), а од друга страна се ставам себеси како една машина за преработка на тие емоции кои поминуваат преку мене додека сум присутен и сум како дел од неа, вечно да ги заробам на моето платно да станат сведоци на моето постоење“, објаснува младиот уметник Дејан.