Ќе има денови кога последната работа на списокот „што треба да направам денес“ е да излезам на ладното и да му дадам храна на кучето од паркот преку улица. – сподели со нас Марта Чадиковска
Генералното собрание на Обединетите нации во 1985 година го прогласи 5 декември за Меѓународен ден на волонтеризмот, а во нашата земја законот за волонтерство собранието го донесе на 02 јули 2007 година. Во чест на овој ден решивме да разговараме со личност која веруваме дека преку нејзиното досегашно искуство како волонтер на многу настани, студетски движења, организации како и самостојни иницијативи за помош на улични животни, ќе успее да ви ја долови суштината на доброволното давање на лични услуги, знаења и вештини во корист на други лица, организации и институции, без надоместок.
Денес разговаравме со Марта Чадиковска личност која несомнено се издвојува од толпата, преку нејзините критички размислувања и погледи кон светот како и лидерски способности со кои ги поттикнува нејзините врсници активно да работат на постигнување на посакуваните промени. Нејзините волонтерски искуства започнуваат од млада возраст, па решивме преку нејзината приказна да доловиме што значи да се биде волонтер.
Доврши ја реченицата: Да се биде волонтер за мене значи…
Дека сакам да дадам шанса на општеството, онаква каква што вистински заслужува. Дeка неколку часа од моето време, кои во друг случај би ги поминала во гледање „Вовед во анатомија“ може да подобрат нечиј живот. Дека оставам белег на светот. Значи дека со доволно труд и посветеност, можеби моето маало ќе бликне. Дека јас сум причината за нечија насмевка или среќно мавтање со опавчето, чувство кое ми носи невидено многу среќа.
Раскажи ни повеќе за твоите волонтерски искуства ?
Знаев дека ова е вистинскиот пат за мене кога имав 9 години кога моето одделение беше повикано да оддржи приредба во еден од домовите за стари лица во Скопје. Игравме и пеевме заедно со песните од Злато Славејче (најголемите хитови за мене на таа возраст) и успеавме да разубавиме нечиј ден.
После пауза од повеќе години, конечно ја имав приликата да волонтирам во Центарот за кариера во моето средно училиште (Орцаш сум, ако некој се прашуваше) и да им помогнам на моите соученици да ја обрерат својата кариера. Кога се запишав на факултет, и сфатив дека тоа не е вистинското време за мене, целата моја енергија ја насочив во организацијата АИЕСЕК каде поминав една прекрасна година која ме научи многу работи (една од нив е дека повеќе не сакам да бидам дел од организација – и дека тоа е ок! Не секој се пронаоѓа во форматирана среднина). Бев дел и од многубројни комисии и проекти при Универзитетското Студентско Собрание на УКИМ каде научив многу за тоа како се останува продуктивен за време на светска пандемија, колку всушност часови може една личност да помине на зум во денот и најважно – дека возможно е да се соработува со дијаметрално различни личности од мене, се додека е возможно да се најде заедички јазик.
Надвор од студентскиот живот и сите забавни моменти и не толку забавни учебници кои имаат 800 страни сум и активист кој се залага за правата на уличните животни и заедно со моите пријатели имаме иницијатива која се занимава со вдомување и помагање на истите. Бонус од тоа искуство – дознав дека иако не се пронаоѓам во еко системот на Економски факултет, можам моето знаење и искуството во оваа институција да го имплементирам во сфери за кои сум заинтересирана.
Дали има волонтерско искуство на кое често се навраќаш, поради искуството кое си го стекнала ?
Највлијателно за мене како личност беше времето поминато со дечињата од СОС Детско Село. Имав прилика да бидам дел од еден проект на младинската организација АИЕСЕК – SAMS (stay a while, make a smile) кој се базираше на една од глобалните цели за оддржлив развој на ООН – квалитетно образование. Беше лето поминато со многу главоболки, солзи од тага и радости, време поминато во 45ка, фрустрации околу машини за перење алишта и најважно од се – пријателство кое ми го промени животот. (Ана те сакам)
Порака која сакаш да ја испратиш до сите млади кои сакаат да работат на себе ?
До кој и да го чита ова, патот пред тебе е долг и полн со подеми и падови, и тоа не треба да те обесхрабрува. Ок е да не сакаш да станеш од кревет – убавата работа за животот на овој свет е што сонцето ќе изгрее пак, и ти ќе имаш нова шанса која со себе ќе донесе и поубави моменти. Работата на себе и личниот раст и развој не нешто што се случува за неколку дена или месеци. Тоа е долг процес што на секој од нас му дозволува да ги испроба сите рефлектори и сам да одлучи кој е најприкладен за неговиот живот. Имајќи го се ова во ум, ти ја посакувам целата среќа на светот, се надевам дека ќе те следи засекогаш. Да се биде волонтер е искуство кое ќе те однесе во многу слепи улички, во многу калливи ситуации и многу исфрустрирани денови, но не заборавај дека тоа е само дел од поголемата приказна, онаа која е најшарена и розова од сите. За крај – еве една мудрост која ја ми ја кажа личноста која ја сакам најмногу на светот: „на сите им викаш дека е ок да побараат помош, можеби треба почесто да се слушаш себеси„ Среќно!
Среќа е да се биде волонтер ! Марта фала ти за твоите искрени одговори како и за целиот придонес кој го правиш за нас и нашата заедница. Веруваме дека во иднина уште повеќе ќе се радуваме на твоите достигнувања.