Најтрофејниот европски клуб, Реал Мадрид, со „златни букви“ ја запиша 2016 година. Оваа година ќе биде историска за „Кралскиот клуб“.
Тимот на Зинедин Зидан во овие 12 месеци завршува со три трофеи, а со само два порази. Досега ниту еден друг клуб во Топ 5 лигите немал вакво постигнување.
Реал Мадрид оваа година во своите витрини доведе три трофеи. Стана европски првак, ја освои светската круна, а се радуваше и на Суперкупот на Европа. Официјално најдобриот европски и светски клуб, во 2016 година претрпе само два порази. На 27 февруари мадридскиот гигант загуби во дербито го градскиот ривал Атлетико. „Јорганџиите“ победија со 1:0 и тоа на „Сантијаго Бернабеу“.
ВЕЌЕ 37 МЕЧА СЕ БЕЗ ПОРАЗ
На 4 април „кралевите“ загубија во Лигата на шампионите од Волфсбург (2:0), во првиот меч од четвртфиналето во Лигата на шампионите. За среќа, тој пораз не се покажа кобен бидејќи во реваншот во Мадрид, Кристијано Роналдо постигна „хет-трик“, а Реал победи со 3:0 и го трасираше патот кон европската титула.
Од тој пораз против Волфсбург, Реал стана непобедлив. Осум и пол месеци тимот е без пораз во сите натпреварувања. „Кралевите“ поставија клупски рекорд и веќе 37 средби се без пораз, без разлика во кое натпреварување и да играат. Во овој период Реал се радуваше на европскиот и светскиот пехар, а доминацијата ја потврди и во Суперкупот на Европа.
ЗИЗУ Е СО НЕВЕРОЈАТЕН БИЛАНС
Како еден од најзаслужните за овие успеси на клубот секако е тренерот Зидан. Многумина го оспоруваа квалитетот на Французинот, но Зизу покажа дека освен што беше врвен играч, одлично се снаоѓа и во улогата на тренер.
Откако е седнат на клупата на Реал, Зидан ја предводел екипата на 53 натпревари. Има одличен биланс од 40 победи, 11 нерешени и само два порази. Реал сезонава се надева дека ќе ја прекине доминацијата на Барселона во Примера дивисион. Мадриѓани во новата 2017 година влегуваат како лидери и тоа со шест бода пред Барселона. Доколку продолжи во ист ритам, тимот е ќе се радува и на посакуваниот пехар во домашното првенство.