Категории

РОДНОТО МЕСТО НЕ СЕ ЗАБОРАВА

Едно е да си роден и да си растел покрај вода и во време кога од мај до септември се капеше во езерото, а сега одиш само десет дена на одмор, иако можеш да одиш било каде на друго место ама ете таму те влече таа пуста носталгија.

Го препознаваш секое ќоше, секој агол, скратениците по кои си трчал до школото за да не закасниш, киното во кое си одел во ударниот термин за да можеш да си ја видиш симпатијата и корзото кое можеби десет пати ќе го завртиш само и само да ги видиш тие зелени очи што и ден денес ги паметиш.

Тие очи сега се нечии туѓи, а ти имаш свои сега кафени најдраги и токму заради нив си во град во кој што не сакаш да бидеш ама ете мораш оти женско чедо велат туѓа среќа.

И така таму каде што си се родил веќе си заборавена, единствено ти го паметат фамилијарното презиме и стебло, а во градот во кој што живееш си туѓинка оти си „дојденка“, не си староседелка.

И полека, полека животот поминува и ти никогаш нема да бидеш своја на своето.

Цел живот ќе копнееш по родниот крај и секогаш нешто ќе ти фали, ретко кој ќе те разбере, освен оној што има слични чуства како твоите.

Елена Ѓ.

1 2

Прегледи:
703
Ознаки:
· · ·
Објавено на:
18.03.2016