Пасош за добра забава, пасош за обединување на музиката, пасош за најдобриот хип-хоп, патување за една љубов.
Ова лето ни доаѓа една убава приказна, една турнеја која ќе ги обедини македонските и бугарските хип-хоп артисти, кои ќе ни пружат вистинско концертно уживање во повеќе градови низ Македонија и Бугарија.
One Love Tour ќе биде обединување со една љубов кон хип-хопот на најголемите хип-хоп артисти, обединување на два народи и на сите фанови на оваа музика, една љубов во осум концертни денови.
One Love Tour во организација на македонската „Иноватива“ и бугарската „Mejdinna stancia“ ги сплотуваат во една сцена македонските артисти Дј Гоце САФ, Слаткаристика и Тони Зен, заедно со најпопуларните бугарски ѕвезди Криско, Гери-Никол и Апсурт.
Оваа екипа ќе помине во 8 градови, нудејќи ја најголемата хип-хоп забава на овие простори досега. Првиот концерт е закажан на 22-ри јули во Банско и ќе биде бесплатен, а потоа следуваат 26-ти јули во Охрид, 27-ми јули во Струмица, во Сончев брег на 17-ти август, Варна 18-ти август и 6-ти септември во Пловдив. Концертната турнеја ќе заврши со концерти на 30-ти септември во Скопје и 7-ми октомври во Софија.
Картите ќе може да се купат во продажната мрежа на Мк Тикетс. Следете ги сите информации и новости на официјалниот сајт за настанот. Ова ќе биде настан кој не смеете да го препуштите и кој ќе се прераскажува.