Категории

Сергеј Самсоненко влегува и во рускиот фудбал, потпиша петгодишен договор со ЦСКА Москва

Сопственикот на ФК Вардар, РК Вардар ЖРК Вардар, Сергеј Самсоненко, кој е претставник на обложувалницата „Бет Сити“, која до лани беше присутна и во Македонија, влегува како спонзор во најпознатиот руски клуб ЦСКА Москва. Клубот ја промовираше соработката која ќе трае во наредните пет години, а „Бет Сити“, преку Самсоненко, ќе биде еден од важните спонзори.

– Ова е почеток на една убава соработка, а нашата компанија за спортско обложување секогаш сака да го помага и популаризира спортот во нашата земја. Се надеваме дека оваа соработка ќе биде значајна и догорочна и дека ќе се темели на идни заеднички успеси – изјави Сергеј Борисович Самсоненко за официјалниот сајт на ЦСКА Москва.

Претседателот на ЦСКА Москва, Евгениј Гинер, се заблагодари за спонзорството што во следниот период ќе го добива клубот од „Бет Сити“.

– Среќни сме што ќе соработуваме со компанијата „Бет Сити“, и гледаме оптимистички на иднината. Веруваме дека оваа наша соработка, ќе биде плодна и исполнета со успеси – изјави претседателот на ЦСКА Москва.

Сергеј Самсоненко пред три години стана сопственик на ФК Вардар, и најави дека најтрофејниот македонски фудбалски клуб ќе го одведе во Лигата на шампионите. Првите два обиди завршија неуспешно, со елиминации во првото коло.

Прегледи:
617
Категории:
Спорт · Фудбал
Објавено на:
15.06.2017