Кристална терапија, како метода на лекување, се користи над пет илјади години. Најстарите записи за оваа техника потекнуваат од Кина и Индија. Традиционалната медицина во овие земји сѐ уште ги користи кристалите за лекување.
Кристална терапија е античката вештина и уметност на поставување на кристали, минерали и полудрагоцени камења на телото, со цел да се постигне длабока релаксација, ослободување на стрес и болки, како и балансирање.
За оваа цел, кристалите можат да се користат поединечно или во специфични шеми. Кристалите можат да бидат поставени на местото на кое се чувствува болка, на акупресурните точки или на енергетските центри, чакри.
Не постои научен доказ дека кристалите можат да помогнат во лекувањето на одредени болести, сепак, оваа метода на лекување е многу популарна во алтернативните клиники и модерните здруженија, а често е поврзана со сродни пракси како масажи, реики и сл.
Како треба да делува?
Лекувањето е засновано врз кинескиот концепт на животната енергија (наречена “чи“) и врз хиндуистичките концепти на чакри. Се смета дека секој кристал има разновидни својства кои можат да се употребат за стимулирање на животната енергија. Меѓутоа, кристалната терапија нема строго одредени правила, поради што методите можат да се разликуваат, во зависност од практикантот.
Изборот на каменот може да го одреди датумот на раѓањето, карактерот, одредениот проблем или некој друг критериум. Во некои случаи кристалите се бираат врз личните чувства.
Пракса
Во текот на сесијата, исцелителот може да ги поставува кристалите на одредени делови на телото, според точките кои се поврзани со чакрите, грубо кажано, тоа се регионите на главата, челото, гркланот, градите, стомакот, желудникот и гениталиите.
Друг начин на кој кристалите се користат за лекување е носење. Кристалите во оваа смисла се сметаат за талисмани чија цел е да ги избркаат болестите, негативната енергија и сл. Многу е важно да ги знаете значењата на кристалите, за ефектот да биде позитивен.