Категории

Што ти посакувам?

Го пишувам ова на еден посебен ден – роденденот на личноста која е заслужна за се она што сум денес.

Огледало во кое се рефлектирам секој ден и кое ми покажува колку силна може да биде една жена дури и кога животот ги задава своите најсилни удари,  што значи да се биде цврст семеен столб и жена која “машки” заработува во исто време и дека никогаш нема да постои единица мерка со која би се измерила нејзината љубов.

Секој ден во моите 26 години ми ја посакува целата среќа и љубов на светот, а сега е мој ред да ѝ посакам нешто нејзе.

Мамо, за твојот роденден ти посакувам:

Безброј безгрижни ноќи. Онакви какви што ти ги правеше (и некогаш сè уште ги правиш) ноќите за мене, топли и безгрижни. Сигурно вечерните часови и за тебе беа наменети за одмор (па после целата таа работа ги заслужуваше), но некогаш не можеше да ги добиеш. Машина за перење, деца кои сеуште не се вратиле од излегување, пакување на куфери пред екскурзија, висока температура, мисли што ќе биде во иднината.. Сега надополни, спиј како бебе. Дома е чисто и убаво секогаш, а и не мора да свети секоја вечер. Битно е топло, и е ДОМА. Дај си го одморот кој го заслужуваш. Тоа ти посакувам.

Насмевки. Не само обични половични насмевки, туку смеење на глас. Од оние кои надоаѓаат кога се потсетуваме на спомените од детството, кога гледаме цртежи што како деца сме ги цртале или читаме смешни состави што сме ги пишувале на училиште. Насмевката е најдобар лек. И ќе ти го продолжи животот.

Безброј убави книги. Посакувам уште илјадници книги да те остават без збор, како и секогаш пред или откако ме оставиле мене, па заедно да си зборуваме за ликовите, сцените и мислите во кои сме се пронашле себе, одново и одново.

Да го посетиш местото за кое отсекогаш си сонувала. Место. Места. Доживување. Било што. Твоите деца ќе ти го остварат. Само биди ни полна со здравје и желби

Многу внуци. Знам дека ќе ги гледаш со истата љубов како што нè гледаше нас.

Онолку парчиња торта, топчиња сладолед и чоколада колку што си жртвувала за да нè видиш среќни. Колку само не сме биле свесни како деца колу родителот од себе си скратува во замена за барем една минута радост кај своето дете.

Да ги задржиш вистинските пријатели. Оние кои беа покрај тебе во најтешките моменти, кои ти ја држеа раката и не ти дозволуваа да паднеш, туку те влечеа нагоре. Има и роднини-пријатели кои секогаш се тука кога ти е најубаво или најтешко, кои искрено те мислат, те сакаат се грижат за тебе. Оние пред кои можеш да се истушиш кога ние ти газиме на нерви (дали некој може да те извади од такт повеќе од нас?) и кои се и ќе бидат покрај тебе во моментите кога ние не сме. Чувај ги таквите, ретки се. Чувајте се и со тато, тој ти е прв сопатник кој патува со тебе, сопруг и пријател. Ве сакам и двајцата многу.

Шанси да ги инспирираш другите. Можеби не си свесна, но со твоето животно искуство можеш да допреш до многу лица и да ги научиш како да ги надминуваат џиновските пречки, да бидат олицетворение на чест и морал, искрени до бескрај и без можност да одглумат кога некој не им е по ќеф.

Ти веќе го направи тоа, шири ги научените лекции.

Моменти во кои гордо ќе кажеш дека беше во право. Знам дека го обожаваш тоа.

Многу животинчиња на твојот пат. Буквално да ти излезат на патот. Мачиња, кученца и се она по кое што и јас и ти застануваме штом ги видиме пред нас. И без разлика каде сме тргнале не знаеме да продолжиме без да не влече тој што е до нас. Оние кои те познаваат, знаат колку уживаш во секоја ваква средба од која “се поминува”.

Безброј турски кафиња со ќерка ти. Тоа е моето омилено кафе.

Секогаш да чекориш со крената глава. Знаеш колку многу вредиш, само види колкава почит имаат луѓето кон тебе. А оние кои не ја покажуваат, знај дека ти завидуваат, за нив не вреди да активираш ни еден нерв од твоето тело.

Почесто да ја облекуваш облеката, приборот, постелнините, кои ја чуваш за специјални прилики. Секој ден може да биде специјален ако самата си го направиш. Не чекај!

Да знаеш дека секогаш има некој кој те поддржува. Исто како што ти ме поддржуваше мене дури и кога не се согласуваше со она што го правам. Да, некогаш знаеше да ми одржиш лекција, но тоа е она што го прават добрите родители, така?

Некој што ќе се грижи за тебе ако не можеш сама да го правиш тоа. Иако ти посакувам да бидеш силна и исправена до крајот на твојот живот, ако во кој било момент почувствуваш слабост, сврти го мојот број. Секогаш и во било кое време, ќе дојдам и ќе останам. Секогаш ќе имам отворена врата и ширум отворени раце за тебе.

Длабока старост. Посакувам да те видам опкружена со внуци, а потоа и правнуци. Посакувам да видиш што си создала и за колку животи си заслужна. Грижи се за твоето здравје.

Бескрајна и безусловна љубов. А да, тоа веќе го имаш. Барем од мене. Засекогаш.

Благодарам за се и жал ми е што не ти кажував доволно често колку ми значиш.

Среќен роденден!

29.06.2017

Автор: Катерина Стојановска

Прегледи:
1447
Објавено на:
29.06.2017