Категории

Што значат последните зборови на Исус Христос пред распнувањето?

По повод Велики петок кој наскоро доаѓа, денот на Исусовото страдание се сеќаваме на седум реченици кои Христос ги изговорил на Крстот. 

Прва реченица: Оче прости им, бидејќи не знаат што прават.

Со овие зборови Господ најпрво покажал милост кон убијците свои, чија злоба не го оставала ни додека бил на крстот, а со тоа докажал дека злотворите никогаш не знаат што прават. Убивајќи го праведникот, се убиваат себеси, додека праведникот го прославуваат. Исмевајќи му се на Бога, тие не гледаат како нивните лица се претвораат во скотови. Опиени од злоба, тие никогаш не знаат што прават.

Втора реченица: Навистина ти велам – денес ќе бидеш со мене во Рајот.

Оваа реченица е упатена кон разбојникот на крстот. Милоста Божја е неописливо голема. Господ ја врши својата мисија и на крстот. До последен здив Тој ги спасува оние кои покажуваат и најмаала волја да се спасат.

Трета реченица: Жено, ете ти го синот.

Така и рече Господ на Својата Света Мајка, која стоеше под крстот на распнатата душа. А на Јован апостолот му рече: ете ја твојата мајка. Овие зборови ја покажуваат грижата на синот, која секој ја должи на своите родители. Оној кој дал им заповед на луѓето: Почитувај го таткото свој и мајката своја, сам ја исполнува својата заповед до последниот час.

Четврта реченица: Боже, Боже мој, зошто ме остави?

Овие зборови искажуваат дека колку што има немоќ во човековата природа, толку има и видовитост. Но, има тука една тајна под болката човекова. Единствено овие зборови можеле да го разбијат ересот, кој ја потресувал црквата која учела неправилно дека Божеството страдало на крст. Меѓутоа, Синот Божји затоа се претворил во човек, за да може како човек со тело и душа во даден момент да страда за луѓето и да умре за нив. Бидејќи доколку Божеството во Христа страдало, тоа значи дека Божеството во Христа би умрело. А тоа не може никако да се замисли.

Петта реченица: Жеден сум.

Крвта му се излила. Затоа е жеден. Сонцето од запад веќе го удира во лицето и заедно со другите маки го пече многу. Нормално е да е жеден. Но, о Господе, дали навистина си жеден за вода или за љубов? Дали си жеден како човек или како Бог, или и едното и другото? Еве римскиот легионар ти додава сунѓер потопен во оцет. Една капка милост, која си ја почувствувал од луѓето за три часа висење на Крстот! На овој начин римскиот војник го ублажува гревот на римското царство кон тебе, макар и со оцет. Затоа ти ќе го уништиш римското царство, но на негово ќе изградиш ново.

Шеста реченица: Оче, во рацете Твои го предавам духот Мој.

На овој начин Синот го предава духот Свој во рацете на Отецот Свој. Да се знае дека дошол од Отецот, а не самоволно, како што Евреите го обвинувале. Но, овие зборови се изговорени за да ги разберат и будистите, питагорејците, окултистите и сите оние филозофи кои кажуваат приказни за селењето на душата на мртвите во други луѓе, или во животни, или во билки, или во ѕвезди и минерали. Отфрлете ги сите овие фантазии па погледнете, каде оди духот на мртвиот праведник: Оче, во рацете Твои го предавам духот Мој!

Седма реченица: Заврши.

Тоа не значи „заврши животот.“ Не, туку заврши мисијата за искупување и спасување на родот човечки. Заврши и се запечати со крв и смрт на земјата, божествено дело на единствениот вистински Месија на луѓето. Заврши маката, а животот продолжува. Заврши трагедијата, но не и драмата. На ред е последниот, величествен чин: победа на смртта, воскресение, слава“.