Категории

ШТО ЗНАЧИ КРАЈОТ НА ШКОЛСКАТА ГОДИНА ЗА РОДИТЕЛИТЕ?

Завршува школската година! Ова е одлична вест за децата, но и за родителите и наставниците. Родителите можат конечно да земат здив од многуте обврски поврзани со активностите на нивните деца, но не преголем здив. За време на детскиот летен распуст, родителите имаат пред нив обврска да состават двомесечен план, бидејќи доколку децата немаат никакви планирани активности, нивни дадилки ќе бидат телевизорот и компјутерот.

Направете план

Децата сакаат планови, тоа им дава чувство на сигурност. Тие сакаат да планираат и да знаат што ќе прават наутро, попладне и навечер и се радуваат на секоја ветена забавна активност. Правењето план на активности и задолженија ќе биде полесно и за вас. Не станува збор за правење големи планови и распореди, туку мали дневни списоци со ситни обврски како чистење на плакарот или работната маса, читање детски книги и слично. Ограничете го времето на гледање телевизија и не им го оддолжувајте времето за одење во кревет.

Конструктивно исполнете го времетo

Слободните активности и игри направете ги според нивната омилена активност на училиште. За слободното време да биде корисно поминато време, потрудете се да смислите креативни и интерактивни игри во согласност со нивните интереси. Постојат голем број на забавни работи кои што децата можат да ги прават дома, во периодот кога надвор е премногу топло за играње. Правење оригами фигури, маскирање во омилените суперхерои, цртање, изработка на форми од глина се само дел од забавните игри коишто може активно и конструктивно да го исполнат денот на децата.

Испланирајте им дружење со другарчињата

Не ги лишувајте децата од дружење со нивните другарчиња од училиште. Организирајте и договарајте чести средби и дружења со нив. Исто така, добро е децата да формираат и нови пријателства за време на летото. Идеална можност за тоа се летните кампови и детските одморалишта. Доколку имате роднини надвор од градот, однесете ги неколку дена кај нив. Промената на средината е одлична за децата, како и за создавање летни спомени.

Не ги преоптоварувајте со учење

Едно истражување од Харвард покажува дека доволно е децата да прочитаат четири до пет книги во текот на летото за да го пополнат времето. Не ги преоптоварувајте со учење на пропуштени лекции и наместо тоа, посветете време да смислите игри и активности од образовен карактер.

Летото е одличен период да го искористите за да поминете повеќе време со вашите деца, затоа, колку што може почесто организирајте заеднички излети во природа, заеднички друштвени игри и спортски активности. Одете заедно на базен, во аква парк, возете велосипеди. Максимално искористете го дворот (доколку го поседувате) и парковите блиску до вас.

Прегледи:
626
Објавено на:
10.06.2016