Категории

Скапо го платив кафето со Венко, ме избркаа од работа: Лиде Лиде за популарната средба со Филипче

Кога на почетокот на пандемијата тогашниот министер за здравство, Венко Филипче, секојдневно одржуваше пресови за да ги соопшти бројките на заразени и починати од корона, меѓу пораките што ги добиваше беа и оние на извесна Лиде Лиде. Таа постојано го канеше на кафе и со своите шеговити коментари за кратко време се најде во центарот на вниманието. Малкумина тогаш знаеја дека зад Лиде Лиде се крие Лидија Гиновска, која во разговор за „Репортер“ ни откри дека сето ова со министерот почнало од забава, за да си направи да ѝ е интересно.

„Не можев да помислам дека меѓу илјадниците пораки што стигнуваа, некој ќе има време да ги чита сите и да ја види мојата. Кога ги приметиле коментарите луѓето почнаа да бараат да бидам присутна. Па требаше да ги смислувам, затоа што немав во секој момент инспирација. Некои ги обмислував многу однапред“, рече Лиде.

На почетокот не знаела дека постои корона и целата ситуација не ја сфатила сериозно. За Филипче, пак, знаела дека е хирург, ама не и дека во меѓувреме станал министер. Кога го видела првпат на прес ѝ делувал многу сериозен. „Сакам луѓето што се сериозни да ги реметам“ вели Лиде, па затоа и ја испратила првата порака да го покани министерот на кафе. Скоро една година подоцна, го запозна во едно кафуле во Скопје.

„Јас како што се шегувам на секое, не верував дека ќе имам толкава трема и дека ќе изгледам како некое прваче и ќе се изгубам кога ќе застанам да му се претставам на министерот. Немавме шанса да разговараме, направивме само селфи. Беше сериозен на почетокот, ама кога кажав дека сум Лиде почна да се смее“, раскажа Гиновска за првата средба и додава: „Мислам дека на сите жени им се допаѓаше, само што не сакаа да кажат јавно“. Ни призна и дека Филиче ѝ оставил поубав впечаток во живо отколку на телевизија.

Но, тоа што почнало како шега за да им е забавно неа и на блиските, на Лидија ѝ донело проблеми на работа, во фирмата за обезбедување. Се соочила со мобинг, а шефовите ѝ забраниле јавно да праќа пораки. „Еден од нив ми рече: ‘Јас ќе се погрижам да не останеш овде’, и после некое време, поради притисоците си дадов отказ“, вели таа.

Низ разговорот ни откри многу работи. Како реагирале новите шефови кога дознале дека е Лиде на Венко, зошто на Инстаграм ги имитира македонските јавни личности и од каде идејата да сними емисија „На кафе со Лиде“. Тука се и песните што му ги посвети на ексминистерот за кои вели дека се исто така направени за забава. „После сè што направив за Венко, мислам дека тој треба да направи прв чекор и да ме удостои со кафе. Да си го исполни ветувањето што го даде јавно. А јас дури и да сум на смртна постела, пак ќе сакам кафе да пиеме“, рече Лиде.

Прегледи:
634
Објавено на:
07.02.2022