– Каде е чадорот на стариот, викнав по мајка ми, а таа почна да ми мрчи како сум требал прво да јадам, дека ќе ми ослабела крвта, ќе сум се онесвестел, дека не сум требал да бидам толку возбуден, и на крај она најстрашното, дека на вакво невреме не сум смеел ни да помислам да излегувам од дома. – А и онака чадорот на татко ти е искршен, од поодамна не работи, куј знае каде е зафрлен, а друг немаме. Не и’ реков ништо. Се вратив во собата и продолжив да гледам низ прозорецот. Стариот уште не беше искачен на чардакот а веќе ломотеше на глас. – Шо ќе му е чадор? Ене му ги оние шушкавцине шо ги шверцуе со старине ергени Ѕверот и Мечката. Кај се заака сос нив кај се запусти, мамицу му ибам? И тој ќе остане ерген. Никоја поише нема да го сака. Наместо сватови на порта да ми тропнат, милиција ќе ме разбуди едно сабајле. Цела чаршија зборуе за тројцата ајдуци. Највеќи шверцери станале у градов, сите ги знаат. А кај се заака, кај се зацрни со онаа распуштеницана на Илкови, мамицу му ибам, аххх. Бар на работа да останеше, барем таму да не ме обрукаше, и, викна вампирот – Не е убаво да се стои до прозор коа грми, тргни се од таму мамљаз зајден. Од кај па ти знаеш каде стојам? Го опцув во себе, ама се поттргнав. Сите ги пцуев. Сите беа против мене. И времето. Стрелките на ѕидниот часовник почнаа брзо да се движат кон закажаниот термин. Одеа заедно со облаците…
Снежана? Од далеку го заробуваше сечиј поглед. Се движеше како луксузна јахта, достоинствено, грациозно, сигурно, самоуверено. Ги сопираше воздишките кај машките, ги замрзнуваше погледите кај женските. Не можеш да не застанеш и да ја разгледаш од сите страни. Секоја облина со неверојатна аеродинамичност. Складна и убава. Витка, висока, нежна, мила, топла, свежа, мека. Чекореше лесно и стамено. Не ја допираше земјата. Низ сокакот со крупна калдрма се спушташе како капка низ фикусов лист, како свилена марама на ветар, како пеперутка од цвет на цвет, од камен на камен. – Добар ден комшија! И насмевка. Волшебна насмевка која ја отстранува сечија грижа. Поглед и очи кои нудат засолниште и утеха, и топлина, и љубов. Многу љубов. Блазе си му на тој што ќе ја земе, велеа. Скромна, примерна, сериозна, друштвена, пријатна, весела, чувствителна, и од домаќинска фамилија, домаќинка. Татко и’ Илко, ја омажил пред неполни три години за син на чорбаџија од Крњево, со стројници. Направиле голема свадба, ама, младоженецот сабајлината се разбудил без невеста. Шест месеци се криела кај другарка у Титов Велес. Никој не знаел каде е Снежана од Пајко маало. Се ширеле разни муабети, се нижеле различни приказни. Чорбаџиине многу се налутиле на Илкови. Секој ден имало расправии у маало. Мислеле дека Илко ја крие. Дури до тепачка стасала работата, па милицијата морала да интервенира. После една година, чорбаџиине ја продале куќата у Крњево и заминале далеку. Некои велеа во Австралија, некои други дека заминале во Америка, ама не можеле да го поднесат срамот што им го нанела Снежана од Пајко Маало. Никој не знаеше за нашата тајна љубов. Ниту моите, ниту, пак, нејзините. Ниту моите другари, ниту, пак, нејзините другарки. Ноќта, пред да заминам војска, летото 58-та, морнарица, Ријека, силно се гушкавме долу под врбите крај Вардар, под театарот. – Три години многу се Снежана, ќе ме заборавиш? Не зборувај така. Знаеш дека никогаш нема да те заборавам. Ќе те чекам ако треба и триесет години, ќе умрам чекајќи, ама нема да те заборавам. И плачеше…
Ја припив силно кон себе и ја милував за плешките. Се’ погласно говореше стегајќи ме – Ќе те чекам Марко, ќе те чекам до гроб, верувај ми. И нешто излезе од мене. Таа ми го зема. Нешто ми се скрши во душава. Срецето ми заигра, и во силна аритмија ми го најави тој момент. Ми проструи низ целото тело. Од главата кон петите. Или обратно беше, не се сеќавам. Секое влакненце одделно го осеќав како се крева, и во налет на бучна лавина ми помина низ целото тело. Ме прекри спектакуларна морница. Затреперив и посакав да можам да ја внесам во себе. Студенило одвантре, топлина однадвор. Длабоко во мене почна да зборува ѓаволот, дека оваа забранета љубов не може да има добар крај. И ме туркаше да брзам. Како да сакав час поскоро да го видам тој крај. Несреќен и исполнет со огромна болка, ете, таков крај. И брзав… И тогаш, и сега. А зошто брзав? Зошто мислев така? Зошто си ја кобев судбината? Зошто не мислев дека се’ ќе заврши убаво, онака како што посакуваме? И пак истите прашања…
Вечерва ќе дознаам сè. Да, затоа брзам. Пак светна. Ќе заврне ли конечно, мамицу му? Ќе престане ли побрзо? Каков ли лик ќе стокми кога ќе ја види бурмата? Тоа сакам да го видам. Ќе ја прифати ли понудата за брак? И тоа сакам да го слушнам. Ќе замине ли со мене? Тоа сакам вечерва да го доживеам. Можно ли е да имаат среќен крај големите љубови? Снежана и Марко од Пајко маало. Не, нема да бидат Ромео и Јулија од Скопје. Зошто мора да е забрането тоа што вистински се сака? Зошто мора силно и искрено да се сака тоа што е забрането? Пак светна. Легнав на креветот, им погледнав на молњите в очи. Не се штрецнував повеќе. Часовникот беше најбитен за мене. Готово е. Само уште еден час и триесет минути, а уште не заврнало…
***
И вечерва, возот треба да замине точно на полноќ. Експресниот воз Атина – Минхен, преку Скопје, Белград, Загреб и Љубљана, доаѓа на третиот колосек. Ќе доцни, знам, ама така стои во возниот ред. И на билетите така пишува. Исто како тогаш кога заминував во војска. Речиси исто. Тогаш барем не врнеше. Беше ведро. Имаше безброј ѕвезди на небото. Многу ѕвезди има на скопското небо во Јули, најмногу. Верував дека војската ќе ги избрише и моите и нејзините чувства. Многу се три години, сигурно ќе спласнат. Времето ќе си го стори своето. Далеку од очи, далеку од срце, велеше мајка ми. Можев да заминам пешадија во Ниш, 18 месеци, ама не сакав. Сакав да бидам што подалеку и што подолго време отсутен од нејзиниот живот. Што сакав? Не знаев. Што сакам? Се’ уште не знам. Пак светна. Сега ли најде бре Господе? Станав и влегов во големата соба. Стариот беше задремал на каучот, мајка ми вообичаено, со крпата в раце околу мијалникот, а од радиото се слушна убавиот и нежен глас на спикерката – Радио Скопје, временска прогноза – Вечерва се очекуваат силни и долготрајни врнежи од дожд, пропратени со грмотевици и засилен западен ветер. Ви посакуваме пријатна вечер со нашата програма. Да ви со намочам на програмата, да ви се намочам. Ако задремам, разбуди ме во петнајс до осум, немој да заборавиш, и’ реков на мајак ми. Ќе те разбудам, прошепоти, покажувајќи со очите кон стариот. Демек, потивко, ќе го разбудиш. Баш ми е гајле, со ишарет и одговорив. Го погледнав како да гледам во најголемиот непријател и се вратив во спалната…
Го пцуев, а не беше тој единствениот противник на оваа врска. И татко и’ Илко, најстрого ја забрануваше оваа љубов. Што ако се криевме? Сите знаеја. Не’ видел некој сосед, и, толку требаше. Приказната за тајната љубов на Снежана и Марко, се рашири брзо. Брак, свадба, ни под тачка разно, велел Илко. Татко ми, ви кажав. Само преку него мртов. Глупави идиоти. Простаци, примитивци, егоисти, закоравени злопамтила. Се степале за кино билет пред пет години, и после таа тепачка која повеќе наликувала на кошканица, од која ниту едниот не можел да се пофали дека победил, не се погледнувале. Дури и жените се фатиле за коси. Мајка ми го извлекла подебелиот крај и затоа татко ми ги мразеше од дното на душата. Каде и да се сретнеа, со навреди, пцовки и клетви се разминуваа. Се’ повеќе се мразеа. Никој жив не можеше да ги смири, а се обидувале. Почна да врне. Фала Богу. Сега што поскоро да дојде силниот налет, и да помине…
Што ли прави сега мојата Снежана? Се подготвува ли исто како мене? Го колне ли времето? Не, таа не знае да пцуе. А и не би и’ личело. Не стојат пцовки на таа медна уста. Претчувствува ли дека вечерва ќе и се случи нешто убаво? Ќе знае ли и овој пат, и покрај невремето да се шмугне, да им избега, и да дојде на закажаното место? Ако врне, ќе ја однесам во “Јадран“. Таму ќе и го покажам прстенот. Таму ќе и кажам се’. Само нека се појави. Може и под некоја стреа да застанеме, онака гушнати, да го начекам и тој момент, и таму да ги соопштам трите работи. Се’ посилно светкаше, се’ посилно грмеше и се’ посилно врнеше. Ќе престане за еден час. Сигурно ќе престане за еден час. Убав е во духот во Скопје после летен дожд. Има опоен вкус…
Само да не го заборавам писмото. Морам да го оставам на видно место. Ене онде, на наткасната пред огледалото. Таму ќе го видат сигурно. И ќе го прочитаат. Сестра ми ќе се радува, знам. Мајка ми ќе плаче. И тоа го знам. Стариот? Не знам. Го отворив, “Кога ќе го читате ова писмо јас ќе бидам далеку. Ако утре ја видите мојата Снежана на сокакот, кажете и’ дека сум заминал и дека никогаш повеќе нема да се вратам. Дека сум тажен и несреќен, дека сум заминал со голема болка во душата. Ако утре не ја видите мојата Снежана на сокакот, смогнете сили и појдете кај нејзините, и кажете им дека Снежана заминала со мене, дека сме се венчале, дека еден ден кога ќе имаме дечиња, можеби ќе се вратиме. Ако утре не ја видите Снежана на сокакот, и вие бидете среќни како мене. Марко…“