Категории

Собирањето сликички стана луксуз за богати деца, колку чини, цел фамилијарен одмор?

Влагам вчера во продавничка. Не можам да дочекам да дојдам на ред, ко на игли.
– Здраво, албум Светско имате?
– Има, има. Сликички треба?
– Може. Колку се?
– Едно пакетче 40 денари … – изустува со пола уста продавачката.
Иако се збореше дека ќе биде 40, се надевав некако дека ипак нема да ја чујам таа бројка.
– Ц, ц, ц … го направија собирањето сликички луксуз за богати деца! – коментирам, не можам да се воздржам. Јаче е од мене. Тука продавачката како да се подослободува, неочекувано добива сојузник.
– Беше прееска една госпоѓа … купи албум и две кутии. Две кутии еј, 4 илјадарки даде одеднаш! Малиот мој исто сака да собира, ама со мојата плата не знам дали и за 3-4 месеци ќе го собереме …

Човече. Ме искина на четвртини. У глава ти се појавуе слика на некое дете што сака најнормална детска работа, и мајка му скоро да не може да му овозможи. Оно не бара мобилен, не бара таблет, не бара точак … сака да собира сликички Светско. И после ти иде слика како му соопштуваат дека скапи се сликичките, и дека нема да можат да му купуваат често. А оно ќе ги гледа другарчињата со богати родители како низ раце ваљаат по 100 дупликати.
Сега си веќе искинат на осмини.


И баш ради ова, не можев како и обично, како секоја година од 98′ навака, да уживам во еуфоријата што ја носи новиот албум. Не можев да уживам во магичниот мирис што го има таа шарена тетратка кога е тазе. Од првата сликичкa што ја залепив, напаѓачот на Иран како да ме моли да го разбудам во себе оној фанатичен Никола низ чии прсти прошле илјадници негови колеги изминативе две децении. Така ме гледаше и Пољакот. И Нигериецот после него. Дури Перуанецот, петти-шести по ред, малце ме размрда …
Али пази. Собирањето сликички е пасија која обединува на база на чиста емоција, без никаква материјална корист. И какви луѓе би биле ние ако не се заложиме за своите соборци?
Претпоставувам со лутинава треба да ги стрелам “Панини груп“. Нашиве овде само даваат цени кои таа група ги диктира. Океј, нив ќе ги стреламе.
Дали сте нормални бре, луѓе? Сликичките се пред се’ забава, емоција, носталгија … заживување на младоста под стари денови. Зар дојдовме емоцијата да им ја наплаќате на луѓето?
Да им ја наплаќате на деца?
Какви вредности промовирате, каква порака испраќате? Дека само богатите и нивните деца ќе се радуваат на пополнет албум?
Дека собирањето сликички стана луксуз, и дека низ тоа ќе мериме кој каде е на финансиската табела?
Дали вака на фин начин на немашливите родители и деца им порачувате “Јеби га, собирајте сликички од смоки?“
Дека ако си мал и сиромав, нема некој голем што знае како ти е и ќе ти помогне?
Сте биле ли некад деца или се родивте буџовани?
Жестоко лицемерие е да ја користите непоквареноста на децата и носталгијата на возрасните за да си ги полните џебовите! Веќе со години правите албуми кои не се само фудбал, не се само Светско и Европско … секоја година, секој месец, секоја седмица и секој ден милиони малишани лепат сликички. Некои за тоа двојат од ужинка.
Знаете ли што се случува во душата на едно дете кога го отвора пакетчето?
Некои деца, па и луѓе, со години чекаат можност нивната репрезентација или клуб да ја лепат во албум. Шкрткаат денови во календар. Штекаат пари на страна, кои итекако има друг начин да се потрошат!
ВАКА ЛИ ИМ ВРАЌАТЕ, БАГРО?!
Јас сум дете од работничка фамилија. Празник ми било кога ќе ми купат 10 пакетчиња во време кога пакетче беше 15 денари. Ве сакав. Ве ценев. Презимето Панини го чувствував како свое. За овие 20 години имам 42 албуми. Знаете ли колку е тоа од мојот македонски буџет? Колку неизедени кифли и симити, неиспиени сокови? Имате ли претстава колку не’ имаше такви?
Имате ли претстава колку такви разочаравте, и ги разочарувате од година в година?
Собирање на сликички за Европското 2020 колку ќе не’ чини, цел фамилијарен одмор?
Кога ги планирате цените, ги прашувате ли нешто најзасегнатите бре? Оние без кои нема да постоите? Оние кои ви плаќаат вечери, патувања?
Се жалат луѓе во Британија, во Франција, во Америка … ако ним им е скапо, имате ли 1% претстава како ни е нам на Балканот заглавени во кредити, позајмици, со крпење месец? И покрај се’ упорно собираме. Упорно ве уважуваме.
Вака ли ни враќате, бре …

Пред 4 години почина дон Умберто, последниот од четворицата браќа Панини. Верувам дека ниту тој, ниту Џузепе, Бенито и Франко го одобруваат ова што го правите.
Нивната мисија не беше ова. Нивната идеја не беше таложење пари преку грбот на скромните.

Нивната мисија беше нешто сосема друго … ако веќе воопшто можете и да ја препознаете …

 

Фејсбук статус на Никола Здравковиќ

Прегледи:
562
Објавено на:
30.03.2018