Категории

Среќни две години заедно!

Среќни и хумани две години Ways2help!

Две години поттикнуваме позитивни промени во нашето општество

Заедно со Ways2help градиме среќни приказни, ја подигнуваме свеста за како да се обезбеди соодветна помош за социјално загрозените семејства и на кои начини можеме да помогнеме во нашата заедница.

Пред две години на самите почетоци од глобалната пандемија, а воедно и на првиот Startup Викенд во виртуелно издание се појави идејата за креирање на платформа која ќе ги обедини на едно место сите хуманитарни организации, компании и поединци кои имаат желба да придонесат во заедницата. Потребата од една ваква платформа беше поттикната од недоволната транспаретност при организирањето на  хуманитарните акции, ограничените ресурси на хуманитарните организации, но и големиот број на несоодветни можности да се помогне на социјално загрозените семејства. Предводени од сите предизвици со кои се соочуваа социјално загрозените семејства, а понатаму и хуманитарните организации пет амбициозни младински активнисти ја креираа платформата Ways2help.

Денес Ways2Help прерасна во заедница која поттикнува промени, виртуелен простор за промоција на хумани вредности и пример за транспарентност при организација на хуманитарни акции и активности. Ways2help платформата ширум нашата земја е препознатлива по функционалноста на нивната Плати Сметка за социјално загрозено семејство преку која изминатите две години се исплатени над 1788 сметки за електрична енергија од над 1747 донатори (компании/индивидуалци), а со тоа е помогнато со над 4.000.000 денари или над 60.000 евра донации и исплата на сметки за над 200 семејства. Покрај нивното иновативно решение во поглед на овозможување на лесен и едноставен начин да се помогне, тимот на Ways2help активно ја покренува свеста за организирање на хуманитарни акции како што се: Донирај училишен прибор, Донирај конзервирана храна и Донирај училишен подарок со заедничко збирно  место и пунктови во Среќа Бар срцето на сите  хуманитарни  акции.

Низ изминатите две години ја имавме можноста да следиме како нивните акции се претвораат во хуманитарни движења и во други градови од нашата земја, а со тоа и како расне нивниот тим. Ways2help повеќе од година и пол брои 11 членови во својот тим и тоа: Марта Толевска, Дина Дамјановиќ, Адриан Џумкар, Моника Ризовска, Георге Богдановски, Александра Манолчева, Бојан Ангелески, Андриана Илиевска, Џево Ибраими, Селвир Османовиќ и Ана Секуловска. Предводени од желбата да поттикнат позитивни промени во нашата заедница тие безрезервно и посветено  се вложуваат во нивните волотерски хуманитарни акции и градењето на нивната Ways2help заедница. За нив среќата се крие во одвојувањето на време да се помогне на другите, а ние сме среќни што имаме можност да ги поддржиме во секој чекор од нивното дејствување.

Се радуваме на заедничката соработка и токму затоа со нетрпение ве очекуваме да ги прославиме сите заеднички моменти оваа недела, 8ми мај со почеток од 20ч. во Среќа Бар. По самото завршување на овогодинешното издание на Startup Weekend Skopje се потсетуваме на почетоците и ги прославуваме сите досегашни постигнувања. Славиме две години заедно со Ways2help и тимот на Среќа бидејќи секоја среќна приказна заслужува да биде запаметена.