Категории

Светскиот ден на астероидот ќе биде обележан овој петок во МКЦ

Овој петок со почеток во 20:00 часот во МКЦ-Скопје, ќе се прослави „Светскиот ден на астероидот“. Минатата година, Генералното собрание при Обединетите Нации официјално го прогласи 30-ти јуни за „Светски ден на астероидoт“, кој за прв пат ќе се слави насекаде низ светот.

По повод овој настан, Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Македонското истражувачко друштво и Астрономскиот центар „Орион“ ќе одржат серија кратки предавања во киното Фросина и Планетариумот при МКЦ, а посетителите ќе можат да го набљудуваат ноќното небо со телескопи (доколку дозволат временските услови). Влезниците, по цена од 100 денари, може да се набават на билетарата во Младинскиот културен центар.

За „Светскиот ден на астероидот“:

На 30 јуни 1908 година, релативно мал астероид од околу 40 метри, навлегол во Земјината атмосфера над Сибир, каде експлодирал и притоа уништил ненаселен регион со големина на модерна метропола. Попознат како „Тунгуска метеорит“, овој настан е најмоќната природна експлозија во пишаната човечка историја. Свесни за опасноста од идни вакви настани, група на научници, астронаути и лидери од бизнисот и технологијата, го основаа Денот на астероидите, глобална кампања која од 2015та година неофицијално се одржува на годишнината од експлозијата во Тунгуска. Има за цел да едуцира за астероидите, да развие свест за потенцијалната опасност од нив и начините на кои може да се заштитиме од идни удари од астероиди. Покрај ова, кампањата ја потпиша и Декларацијата 100X, која повикува на посветено искористување на современите астрономски набљудувачки капацитети и откривање на 100 000 нови астероиди секоја година во следните 10 години.