Категории

Светскиот Ден на Црвен крст и Црвена полумесечина беше одбележан со насмевки, цвеќиња и маски

Светскиот Ден на Црвен крст и Црвена полумесечина, 8 мај, е роденден на основачот Анри Динан, и тој ден претставува годишно одбележување на Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина. Вработените лица и повеќе од 17 милиони волонтери на Црвениот крст и Црвена полумесечина низ целиот свет помагаат на повеќе од 160 милиони лица секоја година обезбедувајќи различни и иновативни непристрасни услуги.

Оваа година, под мотото СИТЕ СМЕ ЦРВЕНИ / TË GJITHË JEMI TÊ KUQ / WE ARE ALL RED,  Црвен крст на град Скопје во соработка со Општинските организации на Црвен крст кои дејствуваат на територија на градот Скопје, го одбележи денот на соодветен начин, согласно моменталните околности заради вонредната состојба во државата.

Дистрибуција на насмевки, цвеќиња и маски

По повод 8 мај, Светскиот ден на Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина,  денеска од  10.00 до 11.00 часот реализирана беше дистрибуција на 1500 маски и цвеќиња за граѓаните кои беа пресретнати од нашите пет мобилни тимови во централното градско подрачје. Ова активност беше реализирана во соработка со 5-те Општински организации на Црвен крст кои дејствуваат во Скопје.

Брендиран автобус бр.57

Од денеска низ улиците на нашиот град циркулира автобус линијата број 57 на ЈСП Скопје, брендиран со логото на Црвениот крст по повод 75 години од нашето постоење, и со слики од волонтери на Црвениот крст. Волонтерите се нашите приказни полни со чувства и емоции кои ги мотивираат и инспирираат другите околу себе.

Донација за Инфективна клиника

По повод 8 мај- Светски ден на Црвениот крст и Црвена полумесечинаво магацинските простории на Црвен крст на град Скопје во Момин Поток, денес се реализираше донација на артикли од листата на приоритетни потреби на Министерството за здравство, наменета за Клиниката за инфективни болести во Скопје. Донацијата е дополнителна поддршка за оваа институција, во услови на зголемена фреквенција на пациенти. За потребите на клиниката набавени се неопходни материјали (1650 парчиња постелнина, ќебиња, перници, пешкири)  кои и беа предадени на Др. Мирјана Пехчевска Поп-Илиев Организациски Директор на Универзитетска Клиника за Инфективни болести и фебрилни состојби. На настанот присуствуваше и се обрати г. Ламбро Патче од Пивара Скопје, во име на донаторот на финансиските средства за реализација на оваа активност обезбедени од Фондацијата на Coca-Cola компанијата и Пивара Скопје. Од име на Црвен крст на град Скопје, симболично беше подарен букет црвени рози за менаџментот и сите медицински лица на Клиниката, во знак на благодарност за нивната ангажираност.

Денешнава донација е само уште еден позитивен пример за солидарност, општествена одговорност и поттик за меѓусебна помош и поддршка во услови на пандемија.