Категории

ТАНЦ ВО ВРЕМЕ НА КАРАНТИН

Музиката и танцот се речиси составен дел на сечии живот. Насекаде околу нас гледаме деца, млади со слушалки во ушите, на улица, во автобус, во автомобил, во паркот, по кејот, едноставно животот е музика и танц.

Нема музика која не допрела до нечије срце, до нечија душа, а да не предизвика трепет на телото, кој како морници ја вибрира секоја клетка во нас предизвикувајќи благо нишање на главата, рацете, нозете…. Музиката е феномен кој на различни начини се проткајува во секојдневниот живот на човекот, било да е сфатена како забава, уживање, професија и заедно сo танцот како универзален јазик, се терапија на телото и умот. Децата ги раснеме со музика и танц, им влеваме позитивна енергија која се рефлектира низ нивната секојдневна социјализација во околината. Таа секојдневна рутина одеднаш ни е ускратена од природата, која како да се поигра со нас. Сфативме колку сме мали во однос на било кој жив организам во природата. Ни даде знак дека треба да застанеме, да ги согледаме вистинските вредности на животот. Сите планови, сите идеи, сите започнати работи наидоа на затворена врата, карантин.

„Почетокот беше шок за телото и умот, танцот бара слобода на движење и креативно изразување низ просторот кој го немавме. Чувствував дека нема простор за дишење, движење, а не пак за танцување. Мојата секојдневна рутина, ученици, образование и танц наеднаш застана, а со тоа застана и мојата енергија која постојано ме воздигаше кон нови искуства. Децата на почетокот не беа ни свесни дека нашата непрекината врска одеднаш се скина. Ми недостигаше џагорот во салата, гласната музика, насмевките, прегратките на децата, резултатот кој секојдневно го гледав кај нив, напредокот, солзите, потта која се пролеваше со часови, болките кои заедно ги живеевме, патувањата, среќата кога ќе се искачеа на пиедесталот, кога во нивните очи ќе блеснеше сјајот кој ми велеше  „- Благодарам“! Сѐ како да беше во некој филм кој застана на пауза. Сфатив дека морам да ја продолжам мојата мисија, да ја вратам енергијата првин во себе, а потоа кај моите ученици. Почнавме секојдневно да контактираме да споделуваме искуства и да ги бараме добрите страни од оваа ситуација. Првин беше забава, а потоа ја вратив секојдневната рутина кај нив. Секој ден гледав како продолжија по патот по кој ги учев, работат на себе, за себе и за целиот тим. Желбата е тука, а напредокот е видлив. Со нетрпение го чекам денот кога повторно ќе ги изгушкам и повторно ќе танцуваме заедно. Нашите планови и идеи ќе ги реализираме заедно, на сцена за нашата публика која верувам како и секогаш со нетрпение не чека. Сакам да споделам само мал дел од сликите на кои се гледа позитивната енергија на моите деца, енергијата која жари во сала и на сцена. А вие, драга публико, останете дома, останете здрави и танцувајте!“, порачува м-р Мерлин Стојановска – Денс Студио МАК од Куманово.

Прегледи:
765
Објавено на:
13.04.2020