Категории

Треба да се знае: Како да ги исчистите дамките во домот

18. Мастило – дамките од мастило треба веднаш да се отстранат од мебелот или од подот, за да мастилото не го обои дрвото. Земете крпче и натопете го во оцет и истријте ја секоја дамка. Ако мебелот кој е извалкан е обоен со лак боја, дамката отстранете ја со парчиња од домат.

Од прекривката за маса дамките од мастило може да ги отстраните на тој начин што ќе сварите малку млеко, а потоа со млекото ќе ја премачкате секоја дамка. Лесно истријте ги и повторете ја постапката неколку пати, постојано додавајќи ново количество сварено млеко. На крај извалканата прекривка измијте ја во топла вода, а потоа и исперете ја на вообичаен начин.

Од плетените ткаенини дамките од мастило се отстрануваат со глицерин. Дамките се премачкуваат со глицерин, се оставаат малку да одстојат, а потоа ткаенината се пере во млака вода во благ детергент.

Кај мебелот од кожа дамките од мастило се отстрануваат со помош на лимон. Секоја дамка истријте ја со половина лимон. (Напомена: дамките од пенкало поради тоа што имаат различен состав се чистат поинаку, односно со алкохол).

Дамката од пенкало се отстранува со помош на 90-процентен алкохол. Местото на дамката истријте го неколку пати, но секој пат со чисто парче вата претходно натопено во алкохолот.

19. Мувла – дамките од влага во вид на мувла треба што е можно побрзо да се отстранат.

Од кориците на книгите може да се отстрани со смеса на 10 gr хидроксид и 50 gr амонијак. Оваа смеса внимателно се нанесува на секоја дамка, а кога дамката ќе исчезне, исчистените места пребришете ги со крпче натопено во дестилирана вода.

Доколку мувла се појави во фугите на керамичките плочки, отстранете ја со течно средство за отстранување на печатни грешки во дактилографија. Секоја фуга премачкајте ја со мало количество од тоа средство – тоа делува брзо и брзо се суши. На крај плочките измијте ги на вообичаен начин.

Од тепихот ваквите дамки се отстрануваат со помош на вински оцет.

Од хартиените тапети дамките од мувла отстранете ги со крпче натопено во алкохол.

Дамките од мувла на прекривките за маса и ткаенините обидете се да ги отстраните со млеко. Потопете ја извалканата ткаенина или само тој дел кој е зафатен со мувла во топло млеко и оставете го да стои неколку минути. Потоа исперете го и оставете го да се суши.

Од свилата дамките од мувла се отстрануваат на два начина. Доколку свилата е обоена со постојани бои, дамките натопете ги со чист шпиритус во кој се става малку амонијак. На крај свилената ткаенина измијте ја со топла вода. Дамката од мувла истотака може да се отстрани и со благ раствор на амонијак.

Од мебелот од кожа дамките од мувла се отстрануваат со внимателно триење на извалканото место со стаклена хартија. Ако на кожата после чистењето остане посветло место, натопете го со вода во која претходно се вареле ореови лушпи.

20. Овошје – дамките од овошје денес многу успешно се отстрануваат со помош на детергентите со силни биолошки својства, па така доволно е само местата каде што се дамките да се натопат со еден од овие детергенти, да се остави да делува, а потоа предметот да се измие. Инаку постојат и други начини за чистење на дамки од овошје.

Од памучните ткаенини овошните дамки се отстрануваат на тој начин што извалканиот дел се затегнува над некој сад и над дамката во тенки млазеви се посипува врела вода или млеко. Добро е и кога се посипува смеса на алкохол, вода и глицерин.

Извалканата бела памучна ткаенина истријте ја со лимонов сок и исперете ја со чиста вода. Доколку има повеќе дамки или се постари, натопете ги со лимонов сок, посипете ги со сол и изложете ги на сончеви зраци. На сличен начин се чистат и волнените ткаенини, со таа разлика што тие не треба да се изложуваат на сонце.

За чистетење на овошните дамки добро делува и кисело млеко. Оставете ја дамката да делува неколку минути, а потоа ткаенината треба да се испере со топла вода. Тврдокорните овошни дамки исчистете ги со смеса на алкохол и амонијак.

21. Восок – од дрвениот мебел или подови дамките од восок се отстрануваат со коцки мраз: секоја дамка притиснете ја со коцка мраз, а после тоа восокот отстранете го со тапата страна на ножот. На крај исчистениот дел пребришете го со некое средство за чистење или со обично масло.

Од постелнината и прекривката за маса дамките од восок дамките може да се исчистат на два начина. Првиот, ако восокот е крут, едноставно отстранете го со острицата на ножот. Ако останала видлива трага, на неа положете лист на впивачка хартија, преку неа парче свилена хартија, а преку нив поминете со загреана пегла неколку пати.

22. Пот – од памучните и ленени ткаенини дамките од пот отстранете ги со оцет. Со крпче натопено во оцет истријте ја секоја дамка.

Од помасивни ткаенини дамките од пот се отстрануваат со амонијак. Во литар вода ставете две големи лажици амонијак, а со тој раствор истријте ја секоја дамка.

На волнените ткаенини овие дамки се чистат со смеса од еден дел амонијак, два дела чист алкохол и три дела етер. Истата дамка од истиот материјал може да се отстрани со смеса на амонијак и масло од терпентин.

Кај свилените ткаенини овие дамки се отстрануваат така што ткаенината се поставува на тврда подлога и со крпче натопено во чист шпиритус нежно се трие местото каде што е дамката.

23. Гума за жвакање – може да се извади од тепихот на тој начин што на гумата се става парче мраз, а потоа со нож треба да се подигнат остатоците од гумата за жвакање. За вадење на гумата за жвакање од тепихот никогаш не употребувајте топла вода.

24. Јајце – овие дамки од ткаенините се отстрануваат ако ткаенината ја измиете со студена вода. Топла вода не доаѓа во предвид бидејќи дамките стануваат уште повидливи.

Ваквите дамки на тепих намокрете ги со смеса на ¾ вода и ¼ алкохол и добро истријте ги.

25.Лак за нокти – од ткаенините ќе ги отстраните ако ткаенината од едната и од другата страна ја навлажните со есенција на терпентин. Дамката може да се отстрани и со 90-процентен алкохол, но препорачливо е ова да се проба на дел од ткаенината кој не се гледа. Ако дамките се од постар датум, прво намачкајте ги со путер, а потоа отстранете го со терпентин.

26. Пенкало – од ткаенините овие дамки прво натопете ги со пиво, а потоа тријте ги со вата или со крпче натопено со ацетон. Водете сметка дека ацетонот растворува синтетика, па затоа ако станува збор за синтетичка ткаенина се употребува 90-процентен алкохол.

27. Сладолед – овие дамки веднаш исперете ги со студена вода, а потоа со топла сапуница. Ако дамката настанала од чоколаден сладолед, најдобро е после чистењето, доколку е возможно да се изврие извалканата ткаенина.

извор:сезадомот

1 2 3

Прегледи:
1296
Објавено на:
09.08.2016