Категории

Три празници во ист ден: Денеска е Свети Василиј Велики – Што треба да правите?

Денес се празнуваат три празници во еден ден. Именден слават: Васил, Василка, Васка, Весела, Веселинка, Веска, Нове, Новка.

На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар христијанските верници празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.

Според еврејските закони секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име. Овој чин се сметал за воспоставување врска со Бога поради што необрежаните се сметале за неосветени и нечисти, а со тоа и отпадници од еврејскиот народ. Исус како божји син можел и да не биде обрежан, но тој не дошол на земјата за да ги негира законите туку за да ги потврдува и да служи за пример. Поради тоа светото семејство на осмиот ден од раѓањето го донесло во храмот новородениот син каде што по извршувањето на овој обред му ставиле име, онака како што им рекол ангелот при јавувањето на Света Дева Марија, Исус (еврејски збор што значи Спасител) и Христос (грчки збор што значи помазан). Во Евангелието според Лука е запишано: „А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.“ (Лука, 2, 21) Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово на осмиот ден по Божик ‒ денот на Христовото раѓање.

Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска. Роден е во овој град, во 329 година, од побожни родители, татко кој исто така се викал Василиј и мајка Емилија. Уште мал се стекнал со образование, примил свештенички чин и го учел народот на божјата наука. На големата популарност му завидувал тогашниот владика во Кесарија поради што Василиј заминал во пустина каде што останал до смртта на владиката. Потоа се вратил и бил поставен за владика, направил многу добри дела по кои црквата сè уште го споменува. Умрел на 1 јануари 389 (според некои 379) поради што црквата секоја година на овој ден го празнува споменот на неговото име. Останал како пример за позитивни човекови особини поради што црквата го нарекла Велики.

Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја.

И на Василица како и на Бадник групи деца најпрвин околу заедничкиот оган, а потоа одејќи по куќите низ селото или градот, пеат пригодни песни за што добиваат подароци. И овие песни како и коледарските од Бадник немаат развиена мелодија туку се кажуваат со скандирање, со карактеристични извици на почетокот и на крајот, а и во мотивска смисла се блиски. Низ песната се искажуваат многу убави желби и благослови за родна година.

Во селото Вевчани се одржува прочуениот Вевчански карневал кој од година во година станува сè помасовен и попопуларен. Како туристичка атракција тој е посетен од многу гости и тоа не само од нашава земја. Во формата во која денес се одржува во него гледаме мноштво традиционални обичаи, но и некои елементи што се од поново време. Во Вевчани Василица се празнува два дена, на 13 и 14 јануари (н.с.). Василичарите се организираат во групи, зависно од маалската припадност, во василичари од Горна и од Долна маала. Секоја од овие групи си има свој конак, каде што се собираат и подготвуваат. Секоја група си има свој василичарски бајрак, што се чува во црквата „Свети Никола“ и се користи само во оваа пригода. Бајраците се носат пред поворката додека василичарите шетаат низ селото. Секоја василичарска група има традиционални ликови: зет и невеста, потоа поп, ѓавол и Глупавиот Август. Зетот, облечен во народна носија носи и патерица со која ги фаќа луѓето за вратот, ги доближува за да им бакне невестата рака, а тие да ја даруваат со пари. Невестата, секогаш е машко лице, облечено во невестинска облека и претставува симбол на плодноста. Составен дел на василичарските групи се и свирачите кои ги веселат присутните.

Познат специјалитет што се правел во Вевчани, особено за празникот Василица, бил познатиот Кашаник. Се замесувал со крстената (светена, пејана) вода. Кашаникот се правел утрото на Василица, 14 јануари (н. с.) во него се ставала паричка и тој што ќе ја најдел при делењето на храната се сметал за најсреќен во текот на престојната година.

Прегледи:
810
Објавено на:
14.01.2020