Нашите популарни актери Весна Петрушевска и Игор Џамбазов започнаа брачна игра.
Бејби и Џамбаз пред пошироката јавност ни открија дека ќе станат брачна двојка ама само за претставата насловена „Брачна игра“.
Тие пред извесно време на своите профили на социјалните мрежи објавија фотогртафија за која појаснија дека е момент од првата проба за претставата.
Македонскиот народен театар овој месец премиерно ќе ја претстави претставата „Брачна Игра“, дело на Едвард Олби, под режисерска палка на Тони Михајловски. На наше огромно задоволство, на сцената се враќа големиот Игор Џамбазов, кој и самиот вели дека на ова не гледа како враќање туку како продолжување, затоа што неговите корени се токму од театарските штици. Токму тој ја толкува главната машка улога во оваа претстава заедно со Весна Петрушевска.
Премиерата ќе се оддржи на 27 март, а репризта е на 29-ти.
– Јас сум мошне задоволен што работам со две големи ѕвезди на македонскиот театар, како што се Весна Петрушевска и Игор Џамбазов. Можеби нема да ви се верува дека иницијативата беше токму нивна, а јас само ја прифатив поканата за координатор на сценските движења и драмските дејствија на сцената, бидејќи се уште ми е незгодно да се наречам себеси режисер. Сепак, многу актери од југословенските простори ја режирале оваа претстава, во која ќе имате прилика да видите една одлично напишана игра. „Брачна игра“ е нешто што го пробал секој оној кој влегол во брачните води. Ја нуди целата онаа дискомуникација на двајцата партнери „осудени“ да бидат еден со друг иако тоа е нивен личен избор. Претставата зборува за тоа што се случува кога сакате да направите промена во својот живот, имате волја, но немате сила. Динамично дело кое го разоткрива брачниот живот, објаснува Тони Михајловски.
Сепак, Весна не беше воопшто имуна на неговиот коментар што се нарече како координатор, а не како режисер. Таа смета дека тој беспрекорно си ја работи работата.
– Нема ништо подобро кога еден ваков жесток текст работите со еден актер кој што е реализиран, суетен и сака да го сподели неговото искуство, неговата емоција и неговата амбиција со вас. И затоа точно знам дека Тони нема да ме излаже кога ќе ми каже дека сум лоша или не сум доволно добра. Неслучајно се избрани овие улоги за мене и за Игор, затоа што еднаш го преживеавме ова во реалниот живот. Овој чин за мене денес е вест бр.1 во Македонија токму затоа што ќе претставуваме еден исклучително почитуван автор, заедно со нашиот тим. Ова не е ниту сензационализам, ниту спонзорство, туку една навистина прекрасна вест и јас сум сигурна дека жестоко ќе успееме да го пренесеме делото, вели Весна Петрушевска.
Великанот Игор не го криеше своето задоволство што повторно ќе глуми, иако како што вели тој дека три работи во животот не можеш да заборавиш, а тоа се вистинската љубов, возењето велосипед и глумата. За него Едвард е еден поздодевен автор, но благодарение на одличниот тим, успеваат да ја пренесат приказната во малку поинтересно сценарио.
– Едвард ми е еден од поздодевните актери, кој македонската публика го знае по делото „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“. Кога го читаш во денешно време тој е исклучително здодевен, кој треба да се бои. Приказната е стара само 30 години и се однесува на една институција која еве и кај нас почна да се распаѓа, а таа институција е брак. Оваа не е приказна на нашите родители, туку на нашата генерација, а тоа е она што јас и Весна сме го доживеале. Секоја реплика која ја кажува главниот машки лик во претставата, јас сум ја кажал во живо. Во мене има и возбуда, адреналин и трема, но за мене е најважно што ќе работиме заедно, да створиме нешто убаво што ќе се памети. Преводот го направи Весна, а изборот на музика го правам јас. Да не откриваме премногу, но поради здодевноста се обидовме да ја симнеме претставата малку во тесно, што би рекле помладите, па се обидуваме да ја претставиме во она време на хипиците. Направивме еден страстен љубовен пар, кој ја започнал љубовта на почетокот на времето на хипиците, па така ќе слушнете музика од Џон Ленон, Јоко Оно, Џим Морисон, па и Флоид, Џими Хендрикс, односно сите оние кои им биле идоли на почитувачите на хипи движењето, додава Игор.
Костимографијата ја изработува Елена Лука. За сценографијата е задолжена Ирина Ангеловска, која одлично ја заврши работата при „Панкот не е мртов“. Од овој тим ќе излезе нешто навистина брилијатно, кое мора да се погледне. Картите ќе бидат пуштени во продажба од понеделник, по цена од 1000 денари за премиерата и 600 денари за втората изведба.
Кога ќе се спојат Игор, Весна и Тони, можеме само да очекуваме неповторливо театарско доживување, кое засега е во фаза на подготовки.