По европската ракометна титула, на Македонија и тргна со победите. Неделава не израдува со победа во „Ѕвездите на Гранд“ Ристе Ристески, а за крајот на работната недела македонската јавност може да се гордее со уште една победа во регионално музичко шоу.
Имено, вчеравечер на сцената на српското музичко шоу за млади таленти „Неки нови клинци“ или „Ѕвездичките на Гранд“ победи нашата учесничка Благица Ѕунѕуровска од Скопје. Во текот на втората сезона на натпреварот Благица остана запаметена по изведбите на песни од Каролина Гочева, а на финалето настапи со „Море сокол пие“.
-Ова за мене е голема работа, бидејќи и минатата година се борев за победа, но испаднав во полуфиналето. Ќе го паметам овој натпревар по другарите кои ме поддржаа, по кандидатите кои беа одлични и по жирито што секогаш ни даваше позитивна енергија, вели Благица по прогласувањето на победата.
Статуетката на Благица и ја врачи минатогодишната победничка, Џеља Рамовиќ, а после тоа нашата победничка отпеа две песни и прослави со останатите на сцената.
Второто место и припадна на Мелиха Есмировиќ, додека на третото место се најде Мила Смиљановиќ.
Честитки за победата!
Извор : Вистина.мк