Категории

Викендов ќе се одржат протести за чист воздух во Скопје и Куманово

Протестот „Време е за чист воздух“, ќе се одржи во сабота, 17 ноември од 12 часот пред бараките на Град Скопје во Градскиот парк.

„Да станеме сите за чист воздух! За нас, за тебе, за мене, за нашите дома, за нашите деца, за сите нас! Протестот не е партиски организиран! Организиран е од мене, од тебе, од твоето дете, од твоите мајка и татко, од сите нас!“, се вели во повикот за протестот против загадувањето.

Истовремено ќе се одржи и протестот во Куманово на плоштадот „Маршал Тито“.

„Кумановци, Куманово 13ти д’н по ред е најзагаден град у државу!  Док не смо почнале да купуемо и боце сас кислород, како што купуемо флаширану воду. За да не га плаќамо данак и с’с животи, искочи на плоштад куде батко Ѓорѓију!“, стои во соопштението за протестот во Куманово.

„Како итни реформски приоритети во првите 6 месеци, требаше  да се воспостави Фонд за животна средина, во кој директно ќе се слеваат средствата добиени од такси за животна средина. Секој таков денар требаше да се намени исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина. Не само што не се оствари ова ни после година и пол, туку со минатонеделниот ребаланс на буџетот за 2018 се скратија над 2 милиони евра за заштита на животна средина. А се гушиме во загадување, мониторинг станици не работат, инспектори нема доволно, нема опрема за мерење, нема акредитирани лаборатории, нема доволно и адекватни субвенции за премин на домаќинствата во загревање кое нема да загадува, нема соодветен јавен транспорт што би ја намалил употребата на возила, законите стојат во место, правилници и уредби не се носат, …. и ова е само во областа на аерозагадувањето. Тонеме“, стои меѓу другото во вчерашната реакција на О2 Иницијатива.