Категории

Вип продолжува со реализација на едукативната програма за деца за безбедно користење на интернет низ целата земја

Едукативната програма за деца – “Интернетот не e само игра. Кликај безбедно…” на телекомуникациската компанија Вип продолжува и во учебната 2018/2019 година.

Вториот циклус на програмата, кој оваа година е предвидено да опфати повеќе од 20 основни училишта од различни градови на Република Македонија, започна денес во О.О.У. „Крсте Мисирков“ во Куманово за учениците од 4-то одделение при училиштето.

„Ми претставува особено задоволство што денес продолжуваме со реализација на програмата ‘Интернетот не e само игра. Кликај безбедно…’ која на сите нам во Вип ни е особено драга. Оваа учебна година го надградуваме проектот и продолжуваме со уште поголем број на основни училишта на територијата на Република Македонија, а се разбира нашата долгорочна цел е проектот да прерасне во традиција и да опфатиме што е можно поголем број на ученици. Целта на проектот е да ги подготвиме децата уште од најмала возраст да знаат како подобро и паметно да ги ползуваат придобивките од Интернетот при нивното континуирано учење, надградба и забава, со особен акцент на нивната безбедност при неговото користење“, изјави Мислав Галер, извршен директор на Вип.

Партнери на проектот и оваа година се Министерството за образование и наука на Република Македонија, Бирото за развој на образованието, како и менаџментот и наставниот кадар на основните училишта каде се реализираат предавањата.

„Од особена важност е образовниот процес континуирано да се надградува и надополнува со содржини и програми кои соодветствуваат со динамиката и потребите на современото живеење, без разлика дали станува збор за формално или неформално учење. Навистина ми е драго што компанијата Вип вистински ја препознава потребата и активно придонесува кон создавање на придобивки кои ги користат најмладите генерации. Децата по природа се љубопитни и ги користат сите расположливи начини како да дојдат до саканите информации, а сите ние, и како институции, и како родители и како претставници на корпоративниот сектор, имаме обврска да им ги обезбедиме потребните ресурси кои придонесуваат за нивниот понатамошен развој, изјави Арбер Адеми, Министер за образование и наука на РМ.

На настанот свое обраќање имаа и градоначалникот на општина Куманово г. Максим Димитриевски и Директорот на О.У. „Крсте Мисирков“ г. Александар Јовановиќ кои ја поздравија програмата и истакнаа дека соработките од ваков вид значително придонесуваат кон јакнење на капацитетите на граѓаните и децата во заедницата, но и подготовка за реалниот свет на најмладите.

Предавањата и оваа година ќе ги реализираат вработените на Вип, кои преку интерактивни и интересни предавања прилагодени на возраста и образовната програма, ќе го прошируваат знаењето на учениците за Интернетот, фокусирајќи се на безбедноста и заштитата на личните податоци на децата.

Во рамките на едукативната програма, до крајот на учебната година ќе бидат опфатени учениците од четврто одделение во 12 општини: Битола, Куманово, Штип, Кочани, Струмица, Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Прилеп, Неготино и Гевгелија.

Проектот “Интернетот не е само игра. Кликај Безбедно” е дел од иницијативата “Интернет за сите” на Телеком Австрија Групацијата, која во Македонија започна во 2013 година. Во рамките на проектот, минатата година предавањата ги проследија повеќе од 700 четврто-одделенци, од 28 македонски и албански паралелки од 10 училишта од 8 општини на територијата на град Скопје, а активно беа вклучени и повеќе од 70 наставници, директори, педагози и психолози од училиштата. Целта на оваа иницијатива е преку различни алатки, програми и тренинзи, учесниците да ги стекнат неопходните компетенции за нивно вклучување во општественото живеење во ерата на дигитализацијата.

Повеќе информации за Вип и едукативната програма “Интернетот не е само игра. Кликај Безбедно” се достапни на веб страницата на Вип – www.vip.mk