Категории

Возбудлив трајлер за престојното осмо издание на ЕХО – Фестивал на планински филм

Љубовта кон природата и авантурата, истражувањето на планините, карпите, скијањето, пловењето по нескротливите реки и престојувањето во хотелот од милион ѕвезди ги раскажуваат едни од најинтересните животни приказни. 

Тоа е ЕХО, фестивал кој има за цел да ни ги пренесе тие возбудливи приказни. Еден поинаков живот, една вистинска авантура.

ЕХО Фестивал на планински филм ќе се одржи осма година по ред, од 24-ти до 27-ми октомври, а како што најавуваат организаторите со најбогата филмска и презентациска програма до сега.

Ќе погледнеме 35 филмови од автори од 13 земји и тројца меѓународни презентери – гости од Полска, Украина и Франција, воедно и подршка од домашен терен со уште две презентации. Проекциите ќе се реализираат во три кино сали, кино Милениум, кино Фросина и Џепното кино во МКЦ, а истовремено во рамки на фестивалот се одржувааат и конкурси за најдобра планинска фотографија и најдобро кратко видео, каде авантуристите од Македонија ги споделуваат своите приказни.

Подолу може да го погледнете и трајлерот за престојниот фестивал, кратко видео кое ја буди љубопитноста кај секој од нас за приказните кои ќе можат да се видат на фестивалот. Колку што ова видео изгледа возбудливо, можеме само да очекуваме навистина интересни филмски денови, а програмата може да ја видите на нивниот фејсбук настан.

Трејлер за ЕХО 2017 / EHO 2017 Trailer from Echo Mountain Film Festival on Vimeo.