Категории

Вредам, не ме понижувај

Да, не си човек ако ме одминеш. Не си човек ако ми слушнеш половина муабет и ни половина од тоа не ми прифатиш. Што си сработил толку вредно за да ме понижиш? Што е тоа највредно на светот што им дава за право на луѓето да можат да ги понижуваат другите? Што добивам јас од твојот превртен поглед? Ништо, но ти губиш многу. Можеби не сум нешто којзнае што, но сум човек. Сум дошла, сум те поддржала, сум верувала во тебе, и си ме разочарал. Ќе има и следен пат такви успеси, можеби и привидни, но едно лице нема да видиш таму. Можеби и повеќе, ако и други си разочарал.

Не сакам да живеам таков живот. Не сакам да славам туѓи нечовечки издигнувања, не сакам да видам куп луѓе кои со превртени очи ќе присуствуваат на мојот каков-таков успех. Подобро пет, отколку педесет – но да знам дека навистина се среќни поради она што го правам. Не сакам гужва од умислени ликови, не сакам стадо од човечки овци, не сакам да бидете видени на моето славје, сакам да присуствувате на чинот од мојот успех, сакам искрено да се насмеете, вчудоневидите или разочарате од она што јас го правам. Од мене нема да се разочарате како човек, може да се разочарате од моето дело.
​     Не ги мешајте нив две.

Не се сметам за некојси човек. Некојси битен човек. Штом ми се дало живот, сигурно сум потребна на овој свет. Мое е да дознаам зошто сум ви потребна вам, на човештвото, и да одлучам дали ќе се борам за тоа. Ваше е да одлучите дали тоа вреди. Не да одлучите дека не вредам како човек. Вредам! Секој човек вреди, не го понижувајте! Подадете му рака и бидете искрени, ќе ви врати со добро.
Или човекот или човештвото. Некој ќе ви врати. Или порано или подоцна.
Само не понижувајте.
​    Бидејќи сме луѓе, вредиме.

 Марија Лозаноска

1 2

Прегледи:
739
Објавено на:
12.03.2016