12-ти август, 2016 (Скопје) – Денес се одбележува светскиот ден на млади под мотото „Патот до 2030‐та: Искоренување на сиромаштијата и постигнување одржливо производство и потрошувачка“. Оваа година фокусот се става на водечката улога на младите луѓе во обезбедување на еднаквост и постигнување на одржлив развој во општеството.
За Y-PEER светскиот ден на млади е прилика да се прослави посветеноста на младите и напорите кои тие ги инвестираат за подобрување на нивната благосостојба, но и благостостојбата на нивните заедници.
„На глобално ниво, големите млади популации претставуваат историска можност за напредок и иновативни решенија со кои ќе се поттикне ваквата промена. Од суштинско значење за ова е да се остварат правата на младите на учество во политичкиот, економскиот и социјалниот живот на своите заедници и држави, и на слободни информирани одлуки за своите тела, сексуалноста и репродукцијата, без дискриминација, насилство или принуда.“ – изјави извршниот директор на УНФПА, д‐р Бабатунде Осотимехин, за Меѓународниот ден на младите.
Денот на младите, Y-PEER Македонија го одбележува од 2007-ма година со локални активности, приклучувајќи се минатата година на светската кампања за промовирање на одржливите развојни цели #sdgs преку низа активности и кампања на социјалните мрежи со хаштагот #иЈасИмамЦел. Преку застапување на младите мрежата настојува во процесот на избирање на таргетите на национално ниво, да се земат предвид потребите на младите од Македонија кои беа адресирани преку „Младинските препораки за пост-2015“ и кои добија поддршка од 47 македонски младински организации.
Целите за одржлив развој припаѓаат на секој жител на земјената планета и успешноста на новата развојна агенда зависи од поддршката и инвестицијата во младите. Инвестиции се потребни со цел заштита на здравјето на младите, вклучувајќи го и сексуалното и репродуктивно здравје, пристап до квалитетно образование, како и зголемување на економските можности со цел здобивање на пристојна работа. Токму овие три области беа избрани како пририретни и се најдоа во „Младинските препораки“ на младите од Македонија.
По повод овогодинешното мото мрежата упатува апел до донесувачите на одлуки и сите засегнати страни да се стави фокус на: социјалниот развој за одржливо производство и потрошувачка; овозможувањето крос-секторски пристап кон одржливоста; и на оптштествените , политички, економски и еколошки врски, кои се потребни за одржлив развој. Mрежата апелира за обезбедување на младинското учество во сите овие области и процеси, и за унапредување на индивидуалните избори и дејствиа кои овозможуваат зголемување на еко-ефикасноста, потрошувачката моќ на сите нас, и минимизирање на отпадот и загадувањето.
***
Y-PEER е глобална младинска мрежа на организации и институции поддржана од Фондот за население на Обединети Нации (УНФПА), која работи за и со млади луѓе во насока на заштита на нивното здравје. Во неа се вклучени повеќе од 700 граѓански организации и институции во повеќе од 50 земји од регионите на Југоисточна Европа, Азија и Пацифик, Северна Африка и Арапските земји, Централна Африка и Јужна Америка. Во Mакедонија Y-PEER мрежата постои од 2002 година, и делува во насока на подобрување на сексуалното и репродуктивното здравје на младите и застапување на нивните права.