Категории

За „светскиот ден на желбата“, Христина Тарабунова ќе ја претстави својата втора самостојна изложба

На 29ти Април, во добро познатиот кафе бар “Излет”, ќе се одржи втората, самостојна, продажна изложба на Христина Тарабунова, насловена како “Оној кој ќе зачува живот, го чува целиот свет – 13 причини зошто”.

Христина е млада, креативна девојка, чија професија не е уметноста, но, таа претставува вистинска љубов за неа. За ваквиот факт, сведочат разговорите со нејзините најблиски, пријателите, уметничките конкурси на кои таа зазела учество уште од најраната возраст, како и минатогодишната прва изложба во соработка со младиот и талентиран уметник, Крсто Анастас Глигорјадис, која се одржа на 22.12.2016 година во концептуалната продавница “Wonderlast” насловена како “Les yeux de la mama”.

Нејзините дела се изработени од повеќе материјали, односно комбинирана техника како, дрво, коноп, текстил, волница, алуминиумска фолија… претставени како мутави (збор кој порано се користел за черги) во рамка, на еден многу интересен, индивидуален начин.

Целиот настан ќе биде од хуманитарен карактер, од причина што, Христина несебично се реши средствата да ги донира во Фондацијата “Златна рипка”, невладина организација која се залага за исполнување на желби на дечиња кои боледуваат од тешки болести на возраст од 3 до 16 години.

Ваквата иницијатива ја поддржаа и други млади уметници кои решија да учествуваат со донации преку продажба на своите уникатни дела.

29ти Април не е обичен ден. Тоа е Светскиот ден на желбата. Бидете нејзини гости. Исполнете нечиј детски живот со надеж, со радост, со смеа!!!