Категории

ЗАПОЧНА 14-ТО ИЗДАНИЕ НА ГРАФИЧКАТА РАБОТИЛНИЦА „СОФИЈА“ ВО БОГДАНЦИ

Богданци, 24 август 2021 – И покрај отежнатите услови заради пандемијата со КОВИД-19, вчера во Богданци започна 14-то издание на Графичката работилница „Софија“. На годинешната главна сесија учествуваат шест млади и талентирани уметници од ликовните академии во Србија, Хрватска, Италија и Македонија.

„Беше голем предизвик да се организира работилницата, но одлучивме да не дозволиме пандемијата да ѝ застане на патот на уметноста. Го редуциравме бројот на учесници и преземавме низа мерки, со цел настанот да се одвива со целосно почитување на протоколите за заштита од КОВИД-19. Искрено веруваме дека токму уметноста и креативноста ќе нѝ помогнат полесно да го пребродиме овој тежок период. Се надеваме дека идната година ќе може да ја организираме работилницата со целосниот капацитет и достојно да го одбележиме 15-годишниот јубилеј“, велат од Здружението на граѓани

Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое е организатор на настанот. Ментор на работилницата е Сања Жигиќ, асистент на Факултетот за уметности во Нови Сад, а почетокот на главната сесија беше одбележан со отворањето на нејзината самостојна изложба во Домот на културата во Богданци. Работилницата ќе трае до 30 Август, а ќе биде затворена со завршна изложба, која исто така ќе биде поставена во Домот на културата. Главен поддржувач на настанот е Печатница „Софија“ Богданци, а одржувањето е помогнато и од Министерството за култура и општина Богданци.

Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година и до сега низ неа продефилираа повеќе од 200 млади графичари од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Прегледи:
499
Категории:
Настани · Секојдневие
Објавено на:
25.08.2021