Категории

Здравко Дејановиќ, Македонецот кој ги искачи Монт Еверест, К2 и Анапурна со промоција на книга за возбудливата и опасна авантура

Здравко Дејановиќ, единствениот Македонец кој има искачено три хималајски врва ја имаше промоцијата на негова нова книга „Анапурна, агонија и молитва“. 

Промоцијата на неговото второ дело се одржа во понеделникот на 26-ти март, во кино Фросина, во Младинскиот културен центар (МКЦ), три години и два дена по неговото искачување на најсмртоностниот врв Анапурна 1.

Во неа Дејановиќ го опишува своето искачување на врвот Анапурна 1 (8.091 мнв), содржина која е информативна, раскажана на 144 страници со 90 фотографии во боја, но таа е и многу повеќе до тоа.

Тоа е приказна за една авантура, раскажана на информативен начин, но полна со емоции и метафори кои во комбинацијата од фотографиите од грандиозната Анапурна 1 ви прави да го почувствате сиот адреналин, сиот студ кој стигнува до 30 целзиусови степени под нулата и воедно буди инспирација и восхит кон тоа што се’ може да постигне човековото тело и ум.

фотографијата е превземена од Wacek Club

„Анапурна, агонија и молитва“ е совршен наслов за оваа приказна која е задолжително четиво за секој планинар, но и за секој љубител на авантурите. Агонијата која се доживува на ова искачување може да биде објаснета наједноставно со фактот дека од првото успешно искачување на французите Морис Херцог и Луис Лашенал, до пред искачувањето на Дејановиќ, цели 65 години имало само помалку од 150 алпинисти кои успешно се искачиле на оваа убавица.

Анапурна 1 и К2 се едни од 14-те врвови во светот кои се на висина над 8.000 мнв, но успешното искачување (и спуштање) на овие врвови се смета за еден од најтешките и најсмртоносни подвизи во алпинизмот, далеку потежок од искачувањето на највисокиот Монт Еверест. Дејановиќ успешно ги помина овие две опасни патешествија и својот пишан збор го доближува своето неверојатно искуство до читателот.

фотографијата е превземена од Wacek Club

Минатата година Дејановиќ ја издаде книгата „Како го искачив К2“, а како следно ја најави книгата за неговото прво хималајско искуство во 2010 година, искачувањето на највисоката точка на Земјата, Монт Еверест. Со ова тој планира да ја документира неговата хималајска трилогија во едно издание за кое тој, а исто како и ние, се надева дека ќе биде преведено и на англиски јазик.

фотографијата е превземена од Wacek Club

„Анапурна, агонија и молитва“ е сведоштво за големината на планината, лекции за животот, силата на човековиот ум и жртвата која го врежа името на Здравко Дејановиќ во македонската планинарска историја.

 

Прегледи:
1736
Објавено на:
28.03.2018