Категории

ЗНАМ ЉУБОВ ШТО Е, ТИ МЕ НАУЧИ. А СЕГА НАУЧИ МЕ КАКО БЕЗ ТЕБЕ

ЗНАМ ЉУБОВ ШТО Е, ТИ МЕ НАУЧИ. А СЕГА НАУЧИ МЕ КАКО БЕЗ ТЕБЕ

Ме прашуваш дали знам љубов што е, а потоа ми велиш – “Не знаеш”. Знам бе златен, ти ме научи. Многу треба за љубов. Треба да имаш срце, големо. Треба да најдиш човек за да го љубиш. Некој што ќе знае да го разбуди детето во тебе, да ти е мерак да дадеш се што имаш за него, од ништо да не се штедиш. Да ти е ќеиф да си го гушнеш. Некој како тебе. Душата без солзи да ти плаче од што сакаш да го видиш. И кога е со километри далеку, пак до тебе да си го чувствуваш. И со отворени и со затворени очи пред тебе да си го гледаш, и ден и ноќ. Смеењето негово, макар и цинично и себично да е, кај и да одиш, само него да си го слушаш. И штом очи затвориш, на увце да го слушаш кај ти шепоти иако е далеку, здивот да му го осетиш, мислиш во врат ти диши, да боли од што фали.

И единствениот бакнеж на усни цел живот да ти стои. Да ти ја ежи кожата и самата помисла дека пак ќе те бакни. Мирисот негов секаде да го чувствуваш. Мислите само за него да ти се, само кај него. И умот да ти вели дека за тебе не е, со срцето борба да води, ти срцето да си го слушаш оти срцето љуби. И зборовите твои груби и безнадежни, кои ми ги кажуваш само од тебе да ме оддалечиш, оти забранет ми си, срцево да го кинат на милион парчиња, пак во едно ќоше ќе те скрие и не те пушта од таму ни за жива глава. И против цел универзум ќе се бори за тебе и за инат ќе победи и уште повеќе ќе те љуби. Онака детски и несебично. Се ќе погази, се што му стои на патот ќе уништи. Не ме слуша, што му да му кажам залудно е, само за тебе чука, само кај тебе ме носи, да ме гушнеш, да ти се изгубам во прегратка. Никогаш да не ме пуштиш. Да не ми дозволиш да заминам. Знам љубов што е, ти ме научи. А сега научи ме како без тебе.

Марина Ц.

Прегледи:
698
Ознаки:
Објавено на:
25.10.2016